Владата денеска го утврди текстот на Предлог-законот за изменување на законот за животна средина, со кој се предвидува воведување на повисока таканаречена еколошка такса, од 3,1 денар за безоловниот бензин и 3,5 денари за останатите горива.

И граѓаните и опозицијата и бизнис заедницата предупредуваат дека тоа ќе биде силна шлаканица врз стандардот на живот на граѓаните, но и удар врз стопанството.

Но, според премиерот Зоран Заев ова зголемување на таксата нема да се одрази на многу на цената на нафтата бидејќи со намалувањето на цената на нафтата на светско ниво, се анулирале оние 3 денари акциза, која беше воведена за време на пандемијата. 0,07 отсто ќе е некое си влијание на цените, тврди тој и потсетува дека и покрај сите овие давачки, имаме најевтино гориво во Европа, а и крај краева, кога граѓаните бараат подобрување на животната средина, мора да знаат дека државата мора да вложи во неа.

Со оваа такса од 3,5 денари за дизелот, бензинот и мазутот, а 3 денари за безоловниот, сепак цената на нафтата е најниска во европскиот континент, не само во ЕУ или во регионот. Затоа што 3-те денари коишто беа покачување кога паднаа цените на берзите, беа со флексибилна скала. Како се вратија цените, од трите денари се откажавме, значи, овие 3 денари, кои беа зголемена акциза заради помош во пандемијата, веќе не постојат, рече во вчерашното гостување на „Топ тема“.

Проблемот со математиката настанува кога ќе се погледне годишниот преглед на цената на суровата нафта на светските берзи, зошто иако Заев убедува дека се намалила, таа вртоглаво расте. Па така, за само еден месец цената е зголемена за 10 отсто, додека во период од една година, цената на суровата нафта се зголемила за 90 отсто.

Објаснето во негов манир – цената расте, а акцизата стоо.

Единствената вистина е дека заради таксите, даноците и маржите од СДСМ сè е поскапо. Сега сè драстично ќе поскапи заради покачувањето на давачките за горивата и заради најавеното драстично зголемување на цената на струјата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Сојузот на стопански комори, пак, велат дека она што уште повеќе револтира е фактот што владата до сега не побарала официјално мислење во врска со воведувањето на новата давачка, а експертите го поддржуваат и нивниот и стравот на јавноста – воведувањето на зелениот данок ќе ја подгрее инфлацијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.