Куманово и Липково, регион со пет министри во Владата. Арбер Адеми, министер за образование, Садула Дураку, министер за политички систем и вицепремиер, Оливер Спасовски, Министер за внатрешни работи, Трајан Димковски, министер за земјоделство и Зорица Апостолска, министер за странски инвестиции. Но, колку граѓаните од Куманово и Липково имаат корист од нивните сограѓани?

Алсат М објави дека Липково кое две години имаше министер за животна средина, освен нечистотија, нема ни вода за пиење. Иако кумановскиот регион со вода се снабдува од липковската брана, липковските села вода за пиење обезбедуваат од бунари. Водоводот е инсталиран, но пречистителната станица која се гради една година никако да се заврши. Работите почнаа на 15 септември 2018 година.

„Цевките се поставени, а водата тече по долот. Барем да пуштат вода за миење и за стоката…“

„Имаше министри кои доаѓаа и заминаа со многу ветувања, а многу малку работа…“

„Вода немаме по десет дена. Некаде отворија шахти и излегла минерална вода која не е ниту за наводнување на овошките“, реагираат анкетираните жители.

Во основното училиште каде учел министерот за образование Арбер Адеми нема спортска сала. Наставниците имаат сериозни забелешки за наставата на албански јазик во Куманово.

„Треба да се преземаат итни мерки за условите во кои работат средните училишта и да се решат проблемите. Министерот Арбер Адеми е добро запознаен со проблемите. Има многу проблеми на републичко ниво, но треба да се истакнат проблемите во Куманово, особено во средните училишта“, рече Етем Џеладини, екс претседател на СНА.

Куманово и Липково се меѓу најмалку развиените региони во земјата. Експерти сметаат дека странските инвестиции потфрлиле поради немање инфраструктура, бирократски проблеми и фискалните политики.

„Ако зборуваме за кумановскиот регион на ниво на град, можам да кажам дека се исполнуваат некои услови, но ако зборуваме за делот на Липково и околината, се забележува немање основна инфраструктура како главен услов за привлекување странски инвестиции“, рече Локман Ебипи, професор.

Земјоделците од овој регион се жалат дека немаат субвенции. Нехат Рамадани е еден од нив. За неговиот бизнис не земал ниту еден денар од државата, а насадил 300 ореви со вкупна инвестиција од 12 илјади евра.

„Државата не ми даде ниту еден денар иако имаше ветувања до изградба на системот за наводнување и сè што е потребно за тоа. Се пријавив. На почетокот ми рекоа дека оваа година не ми следувале субвенции, туку од следната“, вели Нехат Рамадани, земјоделец.

Од Куманово доаѓа и вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, но граѓаните сметаат дека нема доволна безбедност во градот, особено го истакнуваат проблемот со продавачите на наркотици. Тие исто така го обвинуваат првиот полицаец дека не ги подобрил ни полициските услуги во неговиот град.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.