Швајцарската народна банка денеска ја зголеми основната каматна стапка на позитивно ниво, за првпат од почетокот на 2015 година, со што се придружи на поголемата група глобални економии што се обидуваат инфлацијата да ја ограничат преку повисоки трошоци за задолжување.

Референтната каматна стапка е зголемена за 0,75 процентни поени, на 0,5 отсто.

Второто последователно зголемување на каматните стапки е во согласност со очекувањата на пазарот, а останува отворена можноста за натамошни зголемувања.

Не може да се исклучи потребата од натамошно зголемување на референтната стапка за да се обезбеди стабилност на цените на среден рок“, се наведува во соопштението од Банката, при што се изразува и подготвеност за интервенција и на девизниот пазар доколку е потребно за да се обезбедат соодветни монетарни услови.

Истовремено, благо е зголемена и проценката на инфлацијата за тековната година, од 2,8 на три отсто. Проценката за 2023 година е зголемена за 0,5 процентни поени на 2,4 отсто, а за 2024 година за 0,1 процентен поен на 1,7 отсто.

Во оценката за состојбата на националното стопанство, Швајцарската народна банка посочува дека таа ќе биде условена од забавувањето на економиите во странство и достапноста на енергијата на домашниот пазар.

Банката за оваа година предвидува раст на БДП од околу два отсто, што е околу половина процентен поен послабо од претходно очекуваното.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.