Во низата незадоволни синдикати од предлог-законите за плати во јавниот сектор и за работни односи е и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) која бара повлекување на овие предложени закони оти смета дека со нивното усвојување работниците ќе бидат деградирани.

„Овие предлог-закони не водат кон реформа на јавниот сектор, туку кон уште поголемо деградирање на вработените во јавниот сектор и кршење на Уставот. Ова води кон клиентелистички пристап на јавниот сектор во 21 век, каде што одредени категории вработени кои ќе бидат блиски до власта ќе земаат поголеми плати, а други не“, изјави претседателот на КСС, Благоја Ралповски, на денешната прес-конференција.

Според КСС, како што изјави нејзиниот претседател Благоја Ралповски, законот за плати во јавниот сектор е дискриминирачки, противуставен и спротивен на конвенциите на Меѓународната организација на трудот за слободно здружување и колективно преговарање во јавниот сектор, што, како што додаде, се ратификувани од нашето Собрание. Наместо усогласување на платите, нагласи Ралповски, работниците ќе добијат деградација по сите основи со предлог-законите.

„Се зборува дека законот ќе биде донесен до март, кога ќе треба да се усогласи со минималната плата, која според нашите пресметки треба да биде зголемена за над 2 700 – 2 800 денари, но сега наеднаш слушаме дека инфлацијата во Македонија е намалена и оти е намален процентот на зголемување на просечната плата. Очигледно е дека сакаат да го донесат до тогаш и да не се случи усогласувањето на платите согласно член 8, тие да останат на ова ниво и целиот труд на синдикатите во изминатите 10 – 20 години да падне во вода“, рече Ралповски во одговор на новинарско прашање на прес-конференција.

Воедно, тој нагласи дека со предлог-законите, на синдикатите ќе им се одземе досегашната можност да преговараат колективно, а со тоа, додаде, ќе се загрози опстанокот на синдикалното организирање во јавниот сектор. Во оваа насока, потенцира дека со новиот закон за работни односи е предвидено колективните договори да важат само две години, наместо како досега нивната важност да биде сè до потпишување нови.

Ралповски додаде дека со усвојување на законот за плати во јавниот сектор, на работодавачите им се дава можност со обичен акт да ги намали платите ако оцени оти нема пари за исплата на предвидената сума.

„Она што го имаме стекнато како право по коефициенти на сложеност на работно место по стручност и образование веќе нема да важи и се дава во рацете на неколку министри. Предвестие на ова беше Протоколот што го донесе Министерството за труд и социјална политика каде што бараше сите колективни договори да  бидат контролирани од Министерството за финансии. Очигледно со овој закон сака да се легализира оваа одредба“, рече Ралповски.

Првиот човек на КСС побара повлекување на двата предлог-закона, пред сè на оној за плати во јавниот сектор, и нагласи дека соодветното решение треба да се донесе со широк општествен консензус во кој ќе бидат вклучени сите чинители.

Предлог-законите за плати во јавниот сектор и за работни односи изминатиов период предизвикаа бура од реакции кај синдикатите, кои, овие закони ги сметаат за неадекватни и дискриминирачки.

Незадоволство од овие закони изразија и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Синдикатот за култура на Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.