Напролет, кога почна пандемијата, предвидовме дека за 2020 година БДП на Македонија ќе има негативен раст од 3,9 отсто, но сега ја корегиравме оваа бројка и сметаме дека ќе изнесува -4,9 проценти. Економијата до крајот на годината не ќе може да се опорави, а клучен проблем, која не се однесува само на земјата, туку глобално, е можноста ковид панедмијата да трае подолго, рече денеска шефот на Економскиот оддел при Делегацијата на Европската комисија во земјава, Фрек Јанмат, презентирајќи го Есенскиот извештај за економските прогнози на ЕК за Македонија.

Според Извештајот, растот на БДП во 2021 година ќе биде 3,8 отсто, а во 2022 година 3,5 проценти. Се предвидува бавно и неизвесно економско закрепнување.

Државниот долг годинава веројатно ќе надмине 50 отсто од БДП, а се предвидува и негово дополнително зголемување во 2021 година и 2022 година. Стабилизацијата на долгот, првично предвидена за по 2021 година, ќе биде одложена.

До крајот на годинава се очекува и намалување на работната сила, но стапката на невработеност се претпоставува дека ќе остане стабилна.

Постојат срамежливи знаци дека надворешната побарувачка закрепнува, а растот на приватната потрошувачка и инвестициите се предвидува да се вратат во четвртиот квартал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.