И најновите мајски податоци покажуваат раст на цените, а со тоа и раст на трошоците на живот. Народната банка веќе ја зголеми проекцијата за инфалцијата годинава – на ниво од 2,2 отсто, пишува „Порталб“. Ценовното цунами на светските берзи ја зафати и Македонија.

Имено цените на маслото за јадење и натаму се во пораст. По март, и во април статистиката регистрираше зголемени трошоци на живот за 2,2 отсто во споредба со истиот месец лани, а во споредба со март растот е за 0,7%. Но, она што се забележува е дека на месечно ниво поголеми стапки на раст има кај основните прехранбени производи.

Трошоци на живот април/март

Масло и масти 10,8%

Течни горива 15,6%

Овошје 4,2%

Зеленчук 4,4%

Транспортни услуги 4,3%

Воздухопловен патнички транспорт 9,8%

Зголемените трошоци на живот се детерминирани од ценовниот раст па така најновите податоци покажуваат дека во април во споредба со истиот месец лани цените на мало се зголемени за 3,7%, најмногу непрехранбените призводи и тутун за 6,8% и кај индустриските производи за 5,1%.

„Порталб“ веќе анализираше дека земјава е под наплив на ценовен бран. Литар масло за јадење веќе достигна 97 денари. Забележително е дека повисоки цени имаат и увозните производи како чоколадото и слатките производи, но поскапени се и пецивата.

Од пред неколку денови поскапеа пецивата. Еве гевречето чини 18 денари, го поскапевме за три денари – вели продавачка од една скопска пекарница.

Растот на цените ќе продолжи, но сепак инфлацијата ќе остане умерена – уверуваат од Народната банка која за годинава ја ревидираше прогнозата за инфлација на 2,2%

Кај нафтата, по падот од 35% измината година сега се очекува раст од околу 38%, а потоа повторно умерен пад наредната година. Слична ценовна динамика се очекува и кај останатите енергенси, храната и кај металите – соопштија од НБМ и објаснуваат:

Ризиците за проектираната патека на инфлација се главно поврзани со неизвесноста околу увезените цени на примарните производи кои се многу променливи, можните ограничувања на понудата поврзани со пандемијата, како и евентуалниот побрз и поцелосен пренос на растот на цените на инпутите врз финалните цени на производите!

Ваквиот тренд на ценовен раст во земјава е очекуван со оглед на тоа што на светските берзи веќе се регистрирани “пик“ цени на основните прехранбени производи и суровини за производство – највисоки во изминатите седум години. Според податоците од Организацијата за храна и земјоделство шеќерот е поскапен за 60%, житариците за 26%, а маслата за 24,1%.

Со растечка инфлација се соочуваат и земјите од регионот, во Србија, во април, на месечно ниво регистрана инфалција од 1,1% додека на годишно ниво од 2,8%. И светските економии се соочуваат со растечка инфлација – На годишно ниво, во април, во САД е регистрарано зголемување за 4,2 проценти што е најголем ценовен пораст од септември 2008 година. Додека статистиките бележат раст на цените, вредноста на “денарот“ се топи под напливот на поскапувањата. Повеќе од 42% од трошоците на живот пресликани преку Синдикалната кошница на ССМ се за исхрана и пијалаци, а скоро 32% за домоување – што значи дека дури 74% од тршоците се за сметки и храна.

Трошоци за живот (ССМ) – април

Исхрана и пијалоци 14.332,46 денари

Домување 10.809,32 денари

Хигиена 2.386,00 денари

Превоз 2.503,83 денари

Остантиот дел од трошоците отпаѓаат на Облека и обувки, Култура и Одржување на здравје.

„Синдикална кошница за месец април 2021 година е зголемена за 204,00 денари во однос на претходната за месец март 2021 година поради евидентното зголемување на индексите на трошоците на живот за април и тоа на исхрана и пијалоци за 1,2%, Облека и обувки за 1% и Хигиена за 1,1%“

Според пресметките на ССМ за да се овозможи “елементарна “ месечна живеачка потребни се 33.976 или 550 евра.

Извор: Порталб

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.