Од синоќа од 23 часот целосно е блокиран железничкиот сообраќајот на Коридорот 10 меѓу Скопје и Велес.

Снегот ја скинал оптиката, а со тоа целосно е прекината и телекомандата за регулирање на сообраќајот, информира за „Република“ извор од МЖ Транспорт, кој додава дека „кој воз каде се нашол, таму останал“.

Како што објаснува за „Република“ инженерот Петар Спасовски, надворешен советник на генералниот директор во Инфраструктура, хаваријата ја предизвикал влажниот снег кој паѓал долго време.

Влажниот снег создаде многу проблеми, скината е оптиката, блокирани се скретниците, а во текот на ноќта немало ни струја. Екипите се на терен од 2 часот и работат колку што дозволуваат условите, вели Спасовски.

Од Транспорт реагираат дека комуникацијата со Инфраструктура синоќа започнала доцна. Ресорниот директор Дритон Руси бил недостапен за колегите од Транспорт, а недостапен бил и генералниот директор на JП Инфраструктура Хари Локвенец. Затоа, велат оттаму утрово се уште се заглавени патничките возови кои главно превезуваат работници, но и товарни возови.

Патничкиот воз 630 од Гевгелија, кој во Скопје требаше да биде во 7.10 е заглавен во Градско. Возот 650 од Кочани, кој во Скопје пристигнува во 8.22, заглавен е во Велес. Возот 640 од Битола, кој пристигнува во Скопје во 6.37 стои во Богомила, а возот 600, кој сообраќа на линијата Велес – Скопје – Табановце поради хаваријата не е отпремен. Откажани се возовите 641 и 611, кои сообраќаат од Скопје кон Битола и од Скопје кон Гевгелија, велат од Транспорт.

Натрупаниот снег ги открива и натрупаните аномалии на железничкиот транспорт, коментираат од Транспорт. Нашиот извор вели дека проблемот е покомплексен, а главно предизвикан од старата и дотраена опрема, но и од недостигот на стручен кадар.

Железницата не трпи партиски кадри. Потребни се луѓе со соодветно образование, но и искуство. А во железницата таквите заминуваат во пензија, а новите што доаѓаат ниту се соодветни кадри со соодветно образование, ниту некој ги обучува. Конкретно во овој случај, ресорниот директор Руси е градежен инженер, а ние треба да разговараме со електроинженер. Не можете да очекувате добра комуникација со луѓе кои не го разбираат проблемот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.