Уставниот суд денеска донесе голема одлука за Коридорот 8 и Коридорот 10. Надмината е и последната законска пречка во насока на реализација на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата земја и сега ќе се преговара за договорот за неговата изградба со компанијата Бехтел-Енка – информира првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.

Груби упати благодарност до уставните судии за, како што вели, покажаниот професионализам, како и до колегите министри, пратениците и сите кои се дел од остварувањето на големиот сон.

Се остварува најголемиот инфраструктурен проект во Република Македонија, градејќи го Коридорот 8 или завршувајќи ја клучката, што значи почнувајќи од Блаце до Ќафасан ќе се гради автопат. И последното законско оспорување што го направи Агенцијата за антикорупција во Уставниот суд денеска пропадна, бидејќи Уставниот суд го потврди усвоениот закон во Собрание и веќе нема никаква законска пречка за да го оствариме сонот на сите граѓани – тоа е поврзување со автопат од Ќафасан со Албанија до Блаце со Косово – вели Груби.

Како што информира Груби, според најавите од Бехтел-Енка, автопатот е поделен на три секции: првата Гостивар-Кичево, значи автопат над Стража, втората Тетово-Гостивар што се проширува со по една лента од двете страни и со спореден пат и третата Требеништа-Ќафасан.

Првите две секции треба да завршат до крајот на 2024 година, додека третата до 2025 година кога треба да биде завршена и патот Блаце до обиколницата на начин да се направат и клучката за којашто зборувам – најави Груби.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.