Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС) бара Владата јавно да каже кој е инвеститорот на новата фабрика за отпад во Неготино што е најавена како стратешка инвестиција, да го соопшти неговото име, да прецизира каква технологија се планира за овој објект, колку ќе чини и кој ќе гарантира за нејзиното стручно инсталирање и примена.

Од ГИС бараат владата да информира и какво ќе биде влијанието на оваа фабрика врз животната средина во однос на испуштањето гасови, течен исцедок и пепел, дали се планира увоз на отпад или само преработка на домашниот, дали ќе се преработува само комунален или и медицински отпад, каква е временската рамка на изведба на проектот, какви обврски има инвеститорот кон планските региони во однос на управување со отпадот до почнување со работа на проектот, како и колку ќе биде цената на подигање на отпадот во регионот од кои ќе се собира отпадот.

Во јавноста допреа различни спротивставени информации. Од една страна се официјалните – дека се работи за современ, еколошки и безбеден, веќе применет модел на управување со отпад, а од друга се слушаа критики за кредибилноста на инвеститорот како правно лице, на стручниот советник кој наводно стои зад техничкиот дел од проектот, но и за проектот во целост – вели координаторката на ГИС, Лилјана Поповска.

Координаторката, пак, на Работната група за отпад, Невена Георгиевска, напомена дека ГИС само бара транспарентност и увид во податоците.

Тоа се права кои ни следуваат како граѓански активисти. Не сакаме да останат отворени прашања и недоречености за да има шпекулации. Го бараме точното име на странскиот инвеститор. Тоа што го кажаа не може да се најде на интернет поради што има сомнежи кај граѓаните. Затоа бараме Владата да излезе со точно и детални информации во однос и на тоа колку граѓаните ќе ги чини овој проект. Сите сакаме да го решиме проблемот со отпад и за поздравување е тоа што Владата го најави. Но, треба да се каже и во кој временскиот период ова треба да се реалзиира и што до тогаш – рече Георгиевска.

Според неа, дел од граѓанските организации биле поканети на некои од презентациите, но не сите.

Затоа бараме овие информации да бидат од Владата. На едно место беше спомнато комунален отпад, а потоа беше кажано и медицински отпад. И во однос на технологиите, се вели дека е иста фабрика како Топларна – Целје, но се спомнуваат и други технологии. Поради тоа, сакаме точни информации од Владата – подвлекува координаторката.

Работната група иницирала средба со фирмата од Неготино заради добивање подетални информации во врска со проектот. Како што вели Георгиевска, најавено е дека средбата ќе се одржи во август.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.