Огромен дел од населението во земјава се соочува со егзистенцијални проблеми, половина милион преживува со по 150 денари на ден, а безидејноста на власта да се справи со ова ги носи кон пропаст и раб на преживување. Ако се земе предвид големиот раст на основните намирници за живот, може да се заклучи дека половина милион граѓани во држава не можат да си дозволат ниту еден скромен оброк за нив и своето семејство.

Имено, за повеќе од 40% покачени се цените и зголемени се трошоците за живот, а производите на намирниците за неполни 12 месеци се драстично зголемени. Меѓудругото, над 600.000 луѓе останаа без работа, а затворени се околу 5000 фирми и насекаде околу нас гледаме катанци на вратите на малите бизниси.
Покачени се цените на маслото за јадење, млекото, брашното, лебот, бензините, покачено е сѐ кое е во секојдневна употреба, а платите остануваат исти. И наместо власта предводена од СДСМ да превземе нешто во однос на ова, таа дополнително им го отежнува животот на граѓаните и се најавува големо зголемување од 50% на цената на струјата, што дополнително ќе ги осиромаши народот кој едвај го поминува месецот.

Посебен товар за семејниот буџет на граѓаните на едно четиричлено семејство беше и почетокот на учебната година. Според податоците пласирани во јавноста родителите треба да одвојат најмалку по 8000 денари по дете кое посетува настава во средно или основно училиште и доколку ова продолжи вака, ниту 4 мининални плати нема да бидат доволни за да едно семејство го помине месецот.

Ова се должи на недоволниот стимул на економијата. Отворање на нови работни места, привлекување на странски инвестиции и реализирање на капиталните проекти речиси и да нема. Истовремено, додека народот тоне во сиромаштија и секојдневно гледаме повици за хуманитарна помош на социјалните мрежи или медиумите – блиските лица на власта си делат тендери меѓу нив како да нема утре или овде да не живее народ кој им дал доверба на избори, како утре да се очекува апокалипса па денес е последен ден да зграбат сѐ што можат ,,на бегање”.

И додека едно четиричлено семејство едвај врзува крај со крај и мисли како да го помине месецот, власта дополнително го задолжува со по 4000 евра. Тоа му доаѓа како долг кон владата за нивното непродуктивно, нерационално трошење и ,,аздисување”, а тоа се должи на над 8,5 милијади евра со кои владата планира да го качи јавниот долг, или 66% од БДП. И најголем проблем е што не се знае на што се трошат овие пари бидејќи јасно се гледа дека капиталните инвестиции имаат бедна реализација, а како никогаш се објавуваат претходно наместени огласи за партиски вработувања.

Веќе е вклучен црвениот аларм, но очигледно не се слуша до седиштето на Владата. Ако не се преземе нешто сериозно во однос на оваа ситуација, стапката на сиромаштија дополнително ќе се зголемува. Скапиот пиар за тоа како блескаме не можат да го нахранат стомакот на граѓаните, треба сериозни мерки кои ќе ги спроведат експерти кои очигледно оваа власт не ги поседува или пак, се зафатени со друго. Македонија е земја на алармантно сиромашни граѓани, овој тренд мора да се прекине што поскоро.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.