Граѓаните и компаниите на банките должат 353.345 милиони денари (околу 5,5 милиони евра). Кредитите на ниво на банкарски сектор заклучно со ноември 2020 година забележале раст од 5,4 отсто. Истовремено, раст бележат и депозитите во банките.

Ова во интервју за МИА го соопшти претседателката на Македонската банкарска асоцијација Маја Стевкова-Штериева, која вели дека е забележано воздржување од инвестициски активности кај корпоративните клиенти како резултат на неизвесноста, а кај населението се доминантни потрошувачките кредити и станбените.

Заклучно со 30 ноември 2020 година, вкупните кредити на ниво на банкарскиот систем достигнаа 353.345 милиони денари, што е раст на годишно ниво од 5,4 отсто. Вкупните кредити на домаќинствата бележат пораст од 8,3 отсто во однос на истиот период минатата година и 7,6 осто во однос на 31 декември 2019 година. Наспроти тоа, вкупните кредити на нефинансиските друштва бележат пораст од 2,5 отсто во однос на истиот период минатата година и се намалени за 0,8 отсто во однос на крајот на годината. Во изминатиот период, може да се забележи воздржување од инвестициски активности кај корпоративните клиенти како резултат на неизвесноста поради здравствената криза, намален обем на работа поради намалени нарачки од деловните партнери од земјите во ЕУ, прекинати синџири на испорака на репроматеријали и слично – вели Стевкова-Штериева.

Според неа, имајки го ова предвид, македонските компании голем или најголем дел од своите финансиски потреби ги покриваат со кредити од банките, што значи дека нивното работење зависи од поддршката што им ја даваат банките.

Стевкова-Штериева оценува дека актуелната криза уште повеќе ги зголемила и усложнила нивните потреби за финансиска поддршка од банките.

Таа потенцира дека кај населението остануваат доминантни потрошувачките кредити, а потоа се кредитите за набавка и реновирање на станбен простор.

Стевкова-Штериева истакнува дека во услови на изразен степен на неизвесност, банките секако остануваат подготвени да одговорат на потребите на граѓаните и на компаниите согласно прудентните економски и монетарни политики.

Очекувам да продолжи растот на кредитните пласмани кај компаниите и кај населението – вели Стевкова-Штериева.

Таа истакна дека довербата на граѓаните и на компаниите во банкарскиот сектор е во континуитет на високо ниво и дека заклучно со 30 ноември 2020 година, вкупните депозити на ниво на банкарскиот систем, без вклучување на депозитите од банки, изнесуваат 422.239 милиони денари, што е раст на годишно ниво од 6,3 отсто.

Вкупните депозити на домаќинствата бележат пораст и во однос на истиот период минатата година за 5,4 отсто и во однос на крајот на годината 2,3 отсто. Вкупните депозити на нефинансиските друштва бележат пораст од 10,2 отсто во однос на истиот период минатата година и од 4,0 отсто во однос на крајот на годината. Може да се забележи дека учеството на денарските депозити останува доминантно споредено со девизните, со што се потврдува довербата на населението во денарот – вели претседателката на МБА.

Таа посочува дека во анализи на бројни меѓународни аналитичари се истакнува дека намалувањето на патувањата, што се должи на затворањето на границите, ограничувањето на движењето на населението, како и на можностите за трошење на слободните финансиски средства имаат влијание врз зголемувањето на заштедите кај дел од населението.

Секако дека овие појави не ја одминуваат и нашата земја и дека намалената потрошувачка влијае на зголемувањето на депозитите на населението. Воедно, порастот на депозитите делумно се должи и на економските мерки на Владата за ублажување на негативните ефекти од здравствената криза. Но, зголемувањето на депозитите зборува, пред сѐ, за довербата која банките ја уживаат кај населението. Токму од овде произлегува и обврската на банките да се грижат за сигурноста на штедните влогови, за сигурноста на депозитите на своите комитенти. Најголем дел од изворите на финансирање во банките во нашата земја се депозитите. Затоа е особено важна нивната сигурност – вели Стевкова-Штериева.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.