Од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање денеска побараа од властите тендерот за изградба на новиот Клинички центар да биде доделен на македонска градежна компанија, со цел парите од големата инвестиција да завршат кај македонските граѓани. Според Синдикатот македонските компании имаат капацитет и ресурси да изградат вакви објекти.

„Гранит“ и „Бетон“ во минатото граделе објекти од овој тип. Неприфатливо е проектот да биде даден на компанија надвор од државата, а градежните работници овде да останат без работа – велат од Синдикатот.

Од таму посочуваат дека се неприфатливи условите кои ги поставуваат Владата и Министерството за здравство, а кои домашните компании не ги исполнуваат. Еден од тие услови е компанијата која ќе конкурира на тендерот да има изградено таков или сличен објект во последните 10 години, а другиот услов, неприфатлив за градежниците, е да има депозит од 250 милиони евра.

Тоа е голема сума за нашите домашни компании, кои граделе такви објекти, но можеби пред повеќе од 10 години. Оваа држава ја изградиле наши домашни компании. Работата треба да се даде на наши луѓе, а не некој од странство да ја добие зделката, додека нашите работници заминуваат надвор од државата на печалба, апелираат од Синдикатот.

Неофицијално во план е градежните компании од Македонија да бидат заобиколени затоа што не ги исполнувале условите.

Не треба да се прави тенденциозно тендер, за одредена компанија да ги исполни условите. Треба да бидат реални барањата во тендерите, а не баснословни суми. Нашите компании граделе надвор од државата и изградиле болници и клиники. Не е изводливо капитална инвестиција да ја дадеме на странска компанија. Треба да се даде на наша компанија и тука да останат парите – порачаа од таму.

Инаку, изградбата на објектот треба да почне следната година, а се проценува дека инвестицијата ќе биде во вредност од 500 милиони евра. Новиот клинички центар ќе се гради во населбата Бардовци во близина на Психијатриската болница.


Извор: Фокус

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.