Изгоре поголема површина трска од крајбрежниот појас на Охридското Езеро на потегот од Струга до селото Калишта. Екологистите забележуваат дека трската намерно се пали, со што се расчистува терен за изградба на хотели и плажи. Марјан Главинчески, член на извидничкиот одред „Крсте Јон“, кој работи на мониторинг на појасот на трски на Охридското Езеро вели дека палењето на трските е зачестено во овој период пред почетокот на градежната сезона.

Досегашно искуство покажува дека палењето на трските претставува подготовка за изградба на нелегални објекти, авто-кампови, плажи, хотели или други активности што би можеле да се случат во наредниот период. Нашите патроли ќе продолжат со мониторинг и ќе информираме за секое нарушување – изјави Главинчески.

Тој најави дека подготвуваат пријава за палење на трските за непознат сторител, забележувајќи на незаинтересираноста од надлежните институции.

Ако на уништвачите на трските им се поднесат пријави и се преземат казнени мерки против нив, нема да се случува ова. Интерес кај институциите нема – смета тој.

За незаинтересираноста на институциите говори и фактот што и речиси после една недела од опожарувањето на дел од трските Инспекторатот за животна средина се уште нема направено увид.

Не сум бил на терен и немам извршено надзор – изјави за МИА државниот инспектор за животна средина, Игор Трајкоски.

Од струшката територијална противпожарна единица информираат дека последните денови неколку пати интервенирале на гасење на трски на потегот од Струга кон селото Калишта и сметаат дека пожарот се предизвикува намерно. Трската преставува филтер на езерото, ја прочистува водата, рибите таму се размножуваат, а во неа живеат многу птици и други животни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.