Националниот парк „Маврово“ е најголемото заштитено подрачје по површина во Македонија и годинава одбележува седум децении од добивањето на тој статус. Првиот човек на оваа институција Самир Ајдини во интервју за МИА зборува за актуелната состојба, предизвиците и плановите на менаџментот поврзани со заштитата на природното богатство и развојот.

Вие сте пораснале во национален парк, опкружени со природа, која е заштитена и се негува, што се смета за привилегија. Сега како раководител со институцијата ЈУНП „Маврово“, кои специфики ќе ги одвоите ако треба да се спореди со останатите два национални парка во земјава?

Ајдини: Специфично е тоа што НП „Маврово“ е еден од поголемите паркови во регионот, а можеби и во Европа. Во него живеат околу 11 илјади жители во околу 36 населени места според последниот попис. Локалното население е од различна религиозна и национална припадност и соживотот е карактеристика по која целиот регион е препознатлив.

Сепак, НП „Маврово“ изобилува со богата флора и фауна и е природно живеалиште на балканскиот рис, кафеавата мечка, дивата коза, радичката пастрмка. Орографски гледано, пак, на уникатноста упатуваат и овие податоци за нашиот парк: 86 планиски врвови со височина со над 2.000 метри н.в., распослани на четири планини Кораб, Бистра, Шар Планина и Дешат, шестклиматски појаси почнувајќи од 600 метри н. в. со топла континентална клима до над 2.250 метри н. в. со појас на алпска клима, 16 кањони, 42 пештери, извори, леднички езера, водопади, растителни ендемски видови.

Пристапноста и нашата местоположба се речиси идеални. На најмногу 90 минути патување со автомобил се доаѓа до два аеродрома. Сепак, најзначано и препознатливо за нас е и тоа што на нашата територија се наоѓа и најголемиот и ски-центар во нашата земја.

Со оглед дека туристичките посети стануваат сè поактуелни и интересни за посетителите, што е она што посебно им го препорачувате?

Ајдини: Националниот парк „Маврово“ нуди повеќе содржини што се интересни преку целата година. На територија на паркот се наоѓаат убави и значајни места, локалитети и културно-историски споменици, како врвот Голем Кораб, како највисок во земјава и еден од највисоките врвови во регионот, старите и убави мијачки села, водопадот Пројфел на Длабока Река, потопената црква „Св. Никола“, но и сафари-паркот „Бунец”, манастирот „Св. Јован Бигорски“, мостот Елен скок, водопадот Дуф или Ростушки Водопад, ледничкото езеро Локув над Требиште и уште многу многу убави пејзажи.

Сите овие места се пристапни и до нив може лесно да се дојде. На територијата на паркот, речиси до сите најубави врвови водат преку 500 км маркирани планинарски и велосипедски патеки.

Светски тренд е националните паркови да се поотворени кон посетителите и се работи на нивно привлекување. Тоа значи и дополнителна финансиска добивка, што, пак, од друга страна овозможува паркот да опстои. Каква е стратегијата на менаџментот за привлекување посетители?

Ајдини: Како што одиме напред така се зголемува и потребата од развој и воведување нови алатки за привлекување гости. Активни сме во рекламирање на паркот преку интернет, а посебно преку социјалните мрежи. Од скоро во функција е нова веб-страница наменета исклучиво за туризам. На тој начин ги доближуваме информациите до секој дојден и потенцијален гостин, а од друга страна, пак, сакаме да се осигуриме дека секој посетител ќе види поголем дел од убавините на паркот и да ја подобриме нивната безбедност.

Сето ова го правиме полека и ги следиме капацитетите и понудите. Како што локалното население и бизнисмените ќе се ориентираат кон туризмот така и ние ќе го подигнуваме нивото на рекламирање и презентирање на паркот. Сметам дека Маврово и целиот регион мора да ја адаптираат и да ја насочат својата понуда кон домашните гости.

Иако заштитата е основна дејност на паркот, го посочувате туризмот како важен сегмент за неговото опстојување. Што треба да се направи за туристичката понуда во Маврово да биде уште подобра?

Ајдини: Мора да има соработка, како помеѓу институциите така и помеѓу приватниот сектор. Настрана од она што секој давател на туристичка услуга го нуди индивидуално и е специфично само за него, мора да постои координираност кога се работи за заедничка понуда. Затоа ние подаваме рака за соработка и иницираме средби во инфоцентарот и управата на паркот. Но, овие средби и иницијативи некогаш треба да доаѓаат од самите хотелиери, од угостителите, од оние што издаваат соби или даваат некаква услуга. Во претходниот период, на тој план имаме значително зголемена соработка со локалната самоуправа, комуналното претпријатие, здравствените институции и други. Веќе работиме на неколку проектни активности чиишто резултати треба да ги очекуваме наскоро.

Веб-страницата за Националниот парк „Маврово“ беше промовирана по повод Светскиот ден на туристичките водичи. Што може да им се понуди на корисниците преку неа?

Ајдини: Веб-страницата е исклучиво наменета за промоција на туризмот на територијата на НП Маврово. Иако ја промовиравме, таа секако ќе се надградува. Тоа е своевидна платформа, која е замислена да се надградува со нови содржини, но во моментов нуди неколку специфични услуги. Постои дел каде што корисникот ќе може да бара информации за хотели, ресторани, приватно сместување или активности организирани од страна на некој клуб, агенција и слично.

Вториот дел се однесува на електронска наплата на услуги, а во моментов првично ќе биде овозможена наплата на такса за влез на територија на паркот и уплата за дневна риболовна дозвола, за што сè уште преговараме и размислуваме опции сето тоа да има и законска основа. Третиот дел од страницата се однесува на информации за планинарските и патеките за планински велосипедизам. Ја разработуваме и можноста за спуштањето на ГПС-фајловите и тоа да биде поврзано со наплатата на такса за влез во паркот, но сето тоа сè уште е на маса и отворено за размислување. Така што топло ја препорачувам www.npmavrovo.mk.

Разгледување на дивиот свет и рекреација на отворено се најбрзорастечките сектори во светот и туризмот воопшто. Има примери каде што одржливиот туризам базиран на природата носи огромни профити. Каква е ситуацијата кај нас?

Ајдини: Ние веќе разработуваме идеи за воведување тури за набљудување диви животни или таканаречено фотосафари. Претходно соработувавме со една агенција со која реализиравме неколку вакви тури за набљудување мечка и тие поминаа доста успешно. Исто така, дел од вработените добија обука за водење вакви тури, но и обука од програмата „leave no trace“. Планираме изградба на неколку набљудувачници и засолништа. Дел од опремата предвидена за ваков вид активности ја имаме, располагаме и со доволен број возила, но неопходно е да се набави и дополнителна опрема. Сето ова очекуваме да се реализира и со помош на финансиски средства обезбедени од проекти. Иако сме на почеток, сметам дека оваа идеја наскоро ќе прерасне во понуда од која корист ќе имаат и локалните бизниси.

Светска практика е да се наплатува влез во националните паркови, особено ако се користат приватни возила. Практиката покажува дека тоа помага во одржувањето и развојот на паркот. Официјално и НП Маврово има влезница, која изнесува 30 денари по лице. Како НП „Маврово“ ја наплаќа? 

Ајдини: Наша обврска, но и право на паркот е да наплатува одредени такси. Ние тоа го правиме и сега. Поради специфичноста на паркот, а тука пред сè поради неговата големина, тоа што низ него поминува патот кон Дебар, поради многубројното население и низа други околности, ние сè уште не сме го нашле најдоброто решение за овој проблем. Разгледуваме и размислуваме за неколку варијанти, но нема да избрзуваме со оваа одлука и најверојатно ќе бараме подетално истражување од страна на стручни лица. Во моментов наплата на такса за влез во паркот се врши во просториите на Инфоцентарот во Маврови Анови. Цената на еден билет е само 30 денари по човек.

Како втора опција ќе биде наплатата преку веб-страницата, од каде што очекуваме одредено зголемување во реализацијата, но сепак сметам дека наскоро ќе мора да се преземат посериозни и порешителни чекори во оваа насока. Исто така, опција што е доста реална е наплата на такса во хотелите, сместувачките капацитети и ски-центарот, но сепак за тоа треба доста преговарање и усогласување.

Се соочуваме и со еден по малку ироничен факт. Еве, некои домашни агенции и спортски планинарски друштва, иако знаат за оваа такса, честопати прават сè за да ја избегнат. Но, ние нема да отстапиме од намерата туризмот да ни биде еден значителен извор на финансирање. Јас лично, а и мојот тим соработници, сметаме дека иднината на паркот е во развојот на туризмот, а притоа неизбежно ќе биде воведување систем за наплата на такса за влез во паркот, но и такса за паркинг и др.

Што правите за да се заштити биодиверзитетот на Националниот парк, а во исто време да им понудите креативни и интересни содржини на посетителите?

Ајдини: Во моментов работиме на неколку програми за заштита. Заедно со Македонското еколошко друштво го реализираме проектот за заштита на балканскиот рис. Во текот на летниот период, со помош на фотозамки ќе се врши и пребројување и утврдување на состојбата на дивокозата и други диви животни. Паралелно со тоа се реализираат едукативни работилници за вработени, за локалното население, но најважно од сè е тоа што реализираме едукативни активности во основните училишта низ општината. Претходно, во соработка со УСАИД, беше реализиран проект за обука на собирачи на шумски плодови, со што локалното население се стекна со сертификати за собирање. Со обуките имаа и едукација за начинот на собирање шумски плодови на територијата на паркот. Отворена е и Патеката на Петко и шумските жители, наменета за деца, кои преку игра и интеракција учат за природата и паркот.

Во напредна фаза е проектот со Воената академија за рана превенција и заштита од пожари. Во рамките на овој проект е набавен професионален дрон и се реализира обука за четворица вработени за управување со беспилотното летало. Се поставија три кули на ридот Кожа со по пет сензори, кои ќе бидат поврзани со сервер во НП „Маврово“ каде што ќе се детектира опасност од пожар. Со одредување на локацијата ќе може брзо и да се реагира. Ова е пилот-проект што, ако се покаже продуктивен, исти кули со сензори ќе се инсталираат на целата територија на паркот.

Заврши реализацијата на проектот за обука на професионални водачи во планина, кој беше финансиран од Мрежата на заштитени подрачја Паркови Динариди со кофинансирање од паркот каде што на конкурс се избраа 9 кандидати од локалното население и ја посетуваа обуката по УИМЛА-стандардот. При крај се активностите за почеток на реализација на потпроектот Развој на Мавровската Долина во рамките на проектот за локална и регионална конкурентност финансиран од Европската Унија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.