Компири се увезуваат од Хрватска, Србија, Косово, Австрија, Босна и Херцеговина, Франција и Грција, домати од Албанија, Грција, Турција, Италија, но и од Белорусија. Лук доаѓа од Кина, праз, краставици и корнишони од Албанија, но и од Грција и Србија. Сушен зеленчук, цел или сечен на парчиња, на македонскиот пазар е дури од Индија и од Кина. Грав има од Киргистан, Молдавија, Египет, а леќа од Канада и од Русија. На домашните пазари се наоѓаат и увозни јагоди од Албанија и Грција, а помали количини од Холандија и Белгија. Свежи сливи доаѓаат и од Србија, Јужна Африка, Бугарија, Босна и Херцеговина, но и од Шпанија, Чиле, Албанија, Грција, Италија, Јужна Африка и малку од Бразил. Се увезуваат и праски од Грција и Русија, а најмногу дуњи од Грција и Турција, како и круши, јаболка, лубеници, трпезно грозје, риба свежа и замрзната, замрзнати производи, речиси сите видови месо и преработки, млечни производи, па дури и замрзнати пекарски производи.

Огромен е списокот на увезена храна што преку трговијата се пласира до македонските потрошувачи, а колку е подолг синџирот на храна, толку е поголем ризикот од нејзино загадување. Последниот случај со пронајдениот глодар во замрзнат зеленчук, не е ни прв, а ни последен, пишува „Слободен печат“.

Евиденцијата на Агенцијата за храна и ветеринарство покажува пронајдени парчиња стакло, шајка, делови од хируршки ракавици, но и мувла, производи со поминат рок на траење…

Во Базата на податоци на Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ до крајот на март се евидентирани вкупно 98 граѓански претставки. Според наводите, за присуство на контаминенти се евидентирани вкупно 9 претставки. Од нив, две се однесуваат за пронајдено парче пластика во производ, а по една претставка е поднесена за наводно присуство на парче стакло, шајка и парче од хируршка ракавица во храна. Останатите претставки се однесуваат за присуство на мувла во производите – велат за „Слободен печат“ од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Патогените бактерии најчести во храната

На научните сајтови, контаминираната храна се објаснува како присуство на која било материја во храна што го менува нејзиниот квалитет и може негативно да влијае врз здравјето. Загадувачот може да биде биолошко, хемиско или физичко средство или состојба. Загадувачите се материјали што не се додаваат доброволно или се присутни во неовластена концентрација.

Проблемите со случајното, па дури и доброволно загадување на храната отсекогаш се присутни. Денес храната се обработува на многу начини, во повеќе фази и синџирите на исхрана ги преминуваат границите.

Поради прехранбената вредност, храната е важна за човекот, но во исто време хранливите состојки претставуваат идеална подлога за контаминација. Многу инциденти по безбедноста на храната се случувале поради пропусти на производителите на храна, а се случуваат и сега низ целиот свет. Доколку го видиме извештајот од системот за брзо известување за храна и добиточна храна (РАСФФ) во ЕУ, може да се констатира дека најголем број известувања за небезбедна храна биле во врска со појава на патогени бактерии, конкретно салмонела во месо од живина, ешерихија коли во месо и млечни производи, резидуи од пестициди во овошје и зеленчук, афлатоксини, недекларирани алергени во храната. Во однос на физичките опасности најчести известувања имало за присуство на пластика, метал и стакло во производите – објаснува за „Слободен печат проф. д-р Душица Санта, вонреден професор на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје.

Детектори за метал и магнети за спас од шајки

Според професор Санта, физичките загадувачи обично се наоѓаат во суровини како што се житарки или брашно или во преработената храна, заради контаминација за време на самото производството, па и во текот на пакувањето. Тие опасности најдобро се контролираат со соодветни мерки во рамките на системот за преработка на храна, вклучувајќи детектори за метал, магнети, методи на механичко раздвојување како просејување итн.

Физичките опасности обично сe појавуваат како резултат на случајна контаминација и лоши практики на ракување со храна што можат да се појават во различни точки во синџирот на храната од суровината преку процесот на преработка до крајниот потрошувач. Исто така, визуелна инспекција од вработените во текот на целиот процес е неопходна за правилна контрола и спроведување на добрите хигиенски и производни практики. Освен можно присуство на микробиолошки и хемиски опасности, кои се најчести, секако е можно загадување на храната поради присуство на штетници, како на пример муви, глодари, птици и животни и притоа мора да постои ефективна програма за контрола на штетници во производниот погон – објаснува професор Санта.

Според неа, оваа програма подразбира и редовна проверка на просториите во погонот и нејзината околина и преземање мерки за уништување на штетниците. Исто така, воведувањето ефективни системи за следливост значи можност за употреба на програми за постојана проверка и мониторинг на безбедноста и квалитетот на храната.

Повеќе на „Слободен печат“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.