Две компании се во втората фаза од процесот за избор на фирмата што ќе го гради новиот Клинички центар во Скопје – германската „Вамед“ и француската „Бујгу констракшн“, изјави министерот за здравство Венко Филипче во интервју за Фактор.

Процедурата е во фаза на конкурентен дијалог. Има три фази, фазата на евалуација заврши, останаа две компании германската „Вамед“ и француската „Бујгу констракшн“, коишто сега влегуваат во фаза на дијалог, рече Филипче, кој појасни дека дијалогот се уште не е почнат, бидејќи се уште трае рокот за жалби од претходната фаза.

Вели дека засега нема жалби и за време на дијалогот се оди кон финалниот драфт на договорот кој ќе се тендерира.

-Значи преку дијалог со дискусија и разговор за она што ние го бараме од физибилити студијата од тие искусни компании, ние го дизајнираме тој договор кој ќе биде предмет на тендерирање. И тоа е третата фаза. Согласно сегашната динамика и динамиката на Министерство за финансии со преговорите со финансиерите мислам дека имаме шанси да завршиме оваа година или на почетокот на следната, нагласи Филипче.

Во интервјуто, министерот Филипче истакна зголемувањето на сумата на капитациониот бод за 15 отсто на општите лекари, стоматолози и гинеколози е делот од крупната реформа која се прави на примарната здравствена заштита.

Најави дека во следните два-три месеци ќе биде готов електронскиот регистар за малигни болести, кој досега го немаше. Се прави во соработка со претставници на Европската комисија и Светската здравствена организација.

Филипче истакна дека сега се во фаза на набавка на најсовремен акцелератор кој ќе има тип на зрачење што го немало до сега.

При крај се и до крај на декември ќе бидат во функција акцелераторите во Градската општа болница „8 Септември“ и Клиничката болница во Битола, со тоа ќе има терапија за пациентите и во друг регион па нема да мора да патуваат и да лежат на скопската клиника, рече Филипче.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.