На денешната седница Владата го прифати и Предлог-законот за Финансиската инспекција во јавниот сектор, со заклучок да биде доставен на усвојување во Собранието на Република Македонија.

Целта на овој закон е да се заштитат јавните финансиски интереси во финансиското управување со средствата на државниот буџет, буџетите на единиците на локалната самоуправа и средствата од други јавни извори како и средства на ЕУ фондовите, со утврдување на законитоста и нивното ефикасно и одговорно користење во согласност со посебните прописи кои ја пропишуваат надлежноста за спроведување на финансиска инспекција.

Одредбите во предложеното законско решение ги утврдуваат надлежностите на Финансиската инспекција во јавниот сектор, којашто ќе се врши согласно овој закон и законите во кои е утврдено вршење на инспекциски надзор над субјектите на Финансиската инспекција од страна на Финансиската инспекција.

Надлежноста на оваа Финансиска инспекција ќе се спроведува кај корисниците на средствата од Буџетот на Република Македонија, фондовите, општините и градот Скопје, агенциите и другите институции основани со закон, јавните претпријатија, јавните установи и другите правни лица кои се во државна сопственост или сопственост на општините и градот Скопје или во кои државата или општините и градот Скопје се акционери, кај корисниците на средства на ЕУ фондовите, во непрофитните организации и другите правни и физички лица само за делот на добиените јавни средства или гаранции.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.