Фабриката за хартија „Пејпр мил“ од Кочани го прекина производствениот процес, откако пред три недели Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) издаде задолжение да продолжи со работа со користење на вториот котел кој како енергенс се употребува природен гас – метан.

По запирањето на производството од фабричкиот оџак не излегува чад, а за кој три последователни мерења на акредитирана лабораторија за животна средина покажале значително надминување на граничните вредности на емисијата на јаглероден моноксид.

При извршен контролен инспекциски надзор на 27 јуни, правното лице не работеше, котелот кој користи пелети како енергенс е сопрен со функционирање, а по поднесеното известување од 23 јуни до ДИЖС, очекува одговор за негово натамошното постапување од Управата за животна средина. Во моментот на надзорот информираа дека поставувале вакуум пумпи кај самиот котел, заради сушење на хартиена маса, потребна за самиот процес на фабриката, за поекономичност во нејзиното работење – се истакнува во писмениот извештај од Државниот инспекторат за животна средина.

Еко-активистите од Кочани се задоволни што фабриката конечно почнала да ја почитува одлуката на Инспекторатот, иако тоа требало да се случи уште од поодамна.

„Пејпр мил“ постапи според решението што го донесе ДИЖС, но како понатаму ќе се одвива ситуацијата е прашање токму за Инспекторатот. Добро е што работите мрднаа од мртва точка и одат во правец на решавање на проблемот со аерозагадувањето. Повторуваме дека наша цел не е затворање на фабриката, туку менаџментот да најде начин како ќе ги почитува прописите за работење, со што вработените ќе останат ангажирани, но нема да се загрозува здравјето на граѓаните во Кочани и пошироко – истакна Зоран Тодоров од граѓанската иницијатива „За чист воздух во Кочани“.

Кривичната пријава против „Пејпр мил“, што ја поднесоа членовите на граѓанската иницијатива, сè уште чека судска постапка, а во меѓувреме продолжува собирањето потписи за петицијата со која тие ќе ги информираат дипломатски и други меѓународни претставништва за повеќегодишниот проблем со загадувањето ан воздухот.

Претходно од раководството на фабриката за рециклирање хартија во Кочани истакнаа дека работат во согласност со А-интегрираната дозвола, а според актуелните услови економски неисплатливо е да се користи метан како енергенс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.