На светските берзи, вредноста на доларот во однос на останатите валути силно порасна минатата недела бидејќи американскиот ФЕД повторно агресивно ги зголеми каматните стапки, па еврото падна на најниско ниво во последните 20 години, далеку под еден долар. Индексот на доларот, кој го покажува движењето на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, минатата недела порасна за 3 отсто на 112,96 поени, а во еден момент, за прв пат по 20 години, се проби над нивото од 113. поени.

Во исто време, доларот скокна за 3,2 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото се лизна на 0,9690 долари, најниско ниво во последните 20 години. Сепак, курсот на доларот ослабе во однос на јапонската валута, за 0,3 отсто, на 143,30 јени.

Скокот на индексот на доларот втора недела по ред е благодарение на дополнителното зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка. По дводневната седница, ФЕД во средата ги зголеми клучните каматни стапки за 0,75 процентни поени, трет пат по ред, на опсег од 3 до 3,25 отсто, што е нивно највисоко ниво од 2008 година.

Бидејќи инфлацијата во САД се приближува до највисоките нивоа во повеќе од 40 години, централната банка најави натамошни зголемувања на цената на парите. Така, според проценките на првиот човек на ФЕД, каматните стапки до крајот на оваа година би можеле да се зголемат на 4,4 отсто, а до крајот на следната година на 4,6 отсто. Тоа значи дека до крајот на оваа година ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки за уште 1,25 процентни поени, а во следната година за 0,25 поени.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.