„Еуромакс ресорсис“ соопшти дека владиното еднострано раскинување на договорот за концесија кај Иловица е „политичка одлука што е во спротивност со официјални изјави на Владата, дадени во јавноста неодамна како и во последните неколку денови, дека тие чекаат Управниот суд да донесе одлука за ова прашање“. Компанијата најави дека ангажирала адвокатска фирма за да се подготви за меѓународна арбитража и дека е „подготвена да ги исцрпи сите домашни и меѓународни правни лекови“.

Одлуката е во спротивност со официјалните изјави на Владата дадени во јавноста неодамна како и во последните неколку денови дека тие чекаат Управниот суд да донесе одлука за ова прашање. Одлуката ова прашање да се реши од страна на администрацијата, во период додека судството го разгледува, сериозно го доведува во прашање владеењето на правото во Македонија, соопшти Еуромакс рисусрсис, откако Владата на вчерашната седница донесе одлука за раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на рудникот за бакар и злато во село Иловица во општина Босилово.

Од „Еуромакс ресорсис“ потестуваат на нивната изјава од 1 октомври годинава дека останува отворена опцијата за меѓународна арбитража и оти ќе се постапува соодветно.

Сега можеме да потврдиме дека Еуромакс назначи реномирана и престижна меѓународна адвокатска фирма LANSKY, GANZGER & Partner да се подготви за таквиот исход. Покрај нашата силна правна позиција во Македонија, убедени сме дека Еуромакс има силни аргументи за меѓународна заштита на инвеститорите, а Владата треба да биде сигурна дека компанијата е подготвена да ги исцрпи сите домашни и меѓународни правни лекови, стои во соопштението од Еуромакс рисурси.

Според извршниот директор на Еуромакс, Варшан Гокул, одлуката на Владата е разочарувачка и ќе го обесхрабри секој кој размислува да инвестира во државава.

Ова е длабоко разочарувачки. Како најголем странски инвестициски партнер во државата, компанијата во моментов е третирана повеќе од лошо од оваа Влада. Во последните пет години инвестиравме милиони евра во земјата подготвувајќи се за изградба на проектот. Претходно оваа година Европската комисија изрази загриженост за владеењето на правото во Македонија. Јасно е дека тешкотијата што ја имаме е доказ за тоа и не е изненадување што меѓународните партнери се загрижени за тоа што се случува во Скопје. Ова ќе го обесхрабри секој што сериозно размислува да инвестира во земјата. Иако постои правен лек за сето ова – и ние сме многу силни во нашата правна позиција – оваа можност само резултира со непотребно одложување и неактивност, спречувајќи нè да ги испорачаме многу потребни работни места и инвестиции, наведува Гокул во пишана изјава.

Еуромакс рисусрси ја пренесува и изјавата на Габриел Лански, партнер во LANSKY, GANZGER & Partner кој истакнува оти се убедени дека Еуромакс има многу силен случај.

Затоа, имаме насока и подготвеност да ги исцрпиме сите постојни домашни и меѓународни правни лекови, наведува Ленски.

Од Еуромакс рисурси потенцираат и дека Одлуката на Владата се однесува на концесијата Иловица 6 на компанијата и оти концесијата Иловица 11 останува непроменета.

Владата денеска соопшти дека на синоќешната сендица во Куманово донела Одлука со која еднострано ги раскинува Договорот за концесија за експлоатација на бакар и злато на локалитетот Иловица во општина Босилово од 2014 година и Анексот на Договорот од 2015 година бидејќи концесионерот нема поднесено барање со целокупна неопходна документација за издавање дозвола за експлоатација на минерални суровини во рок од четири години по склучување на договорот.

Одлуката влегува во сила наредниот ден откако ќе биде објавена во Службен весник. Од денот на нејзиното влегување во сила, како соопшти Владата, престанува да важи и Одлуката за доделување концесија за експлоатација на минерална суровина–руди на бакар и злато на Друштвото за производство, промет и усуги ФЕЛПС ДОЏ ВАРДАР ДООЕЛ Скопје за локалитетот Иловица од 2012 година.

Граѓанските активисти против рудници од Струмичкиот регион ја поздравија одлуката на Владата за еднострано раскинување на договорот за концесија за рудникот Иловица на планината Огражден. Владата вчера на седницата во Куманово одлучи да го раскине договорот за концесија од 2014 и анексот од 2015, со објаснување дека концесионерот „Еуромакс ресорсис“ не ја обезбедил потребната документација во рок од 4 години.

Договорот еднострано се раскинува од страна на концедентот, бидејќи концесионерот нема поднесено барање со целокупна неопходна документација за издавање на дозвола за експлоатација на минерални суровини во рок од четири години по склучување на договорот за концесија, соопшти Владата.

Активистите од Здрава котлина тврдат дека по три години борба, конечно преовлада институционалниот разум и правда. Според нив ова е победа на струмичани, еколошките организации но и Владата, бидејќи концесионерот ги пречекорил сите рокови за неговата намера да гради рудник за бакар и злато. Како што ни изјави Ѓорги Танушев, сега останува да се одземе и втората концесија на „Еуромакс“.

Ова е круна на нашата тригодишна борба против рудници. ‘Еуромакс ресорис’ на планината Огражден има уште една концесија која важи до 16 јануари идната година. Станува збор за локација која е споредна, бидејќи одлуката важи за концесискиот простор кој е раскинат од Владата и има количини со бакар и злато, а на вториот концесиски простор требаше да се градат капацитетит. Но и за тој простор немаат обезбедено 8 од потребните 10 документи“, вели Танушев.

Како што најави тој и останатите активисти од Здрава котлина, будно ќе ги следат состојбите и со останатите издадени концесии во Југоистокот кои се потенцијални за отворање рудник, иако станува збор за детални геолошки истражувања.

Станува збор за локацијата Плавуш на влезот на Струмица, кој е на ‘Сардич МЦ’ и Двориште во Беровско каде концесионер ‘Резервоар минералс’. Тие се во моментов на фаза за детални геолошки истражувања и уште немаат аплицирано за експлотација, но будно ги следиме и нив бидејќи не сакаме рудници со отворен коп во Југоистокот, вели Танушев.

Во Општина Босилово пред две години беа организирани два неуспешни референдума во однос на изградбата на рудникот, а преку граѓански иницијативи беа организирани и протести на локалното население и еко активисти. Откако не доби дозвола за експлотација во јули годинава, компанијата поднесе тужби до Управниот суд против Министерството за економија и Второстепената владина комисија за неиздадената дозвола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.