Компанијата „Еуромакс Ресорсис“ бара од политичките партии учесници во предизборната кампања за предвремените парламентарни избори да не се користи и злоупотребува проектот за рудникот Иловица-Штула за собирање политички поени.

Го разбираме чувствителниот момент на политичката кампања и затоа апелираме до сите инволвирани чинители во кампањата – проектот „Рудник на можности Иловица-Штука“ да не се користи и злоупотребува во каква било политичка конотација! Мораме конечно сите да бидеме доволно зрели и одговорни кон иднината и да ја прифатиме реалноста дека се работи за потенцијално најголемата гринфилд странска инвестиција во земјава што ќе донесе значајна економска корист и благосостојба за сите граѓани, особено за жителите во струмичкиот регион, порачуваат во соопштение од „Еуромакс Ресорсис“.

Апелираат и до политичарите во текот на политичката кампања да се воздржат од коментари за проектот, затоа што така, како што наведуваат, можеби ненамерно, влијаат и на работата на судството и правната процедура која се одвива во надлежниот суд, а е поврзана со проектот.

Во екот на оваа глобална здравствена, економска и социјална криза предизвикана од девистирачката вирусна пандемија, токму овој проект претставува уникатна можност, брзо и ефикасно да помогне за заздравување и развој на националната економија. Нашиот менаџерски тим и ангажираните локални експерти од различни области, до детали ги испланираа сите фази за реализација во акционен план, форматиран како „Брза лента“ (Fast Track). Со тоа сме целосно подготвени веднаш да отпочнеме со конкретни активности за реализација на проектот, велат од „Еуромакс Рисорисис“.

Според нив, проектот „Рудник на можности“ е модерен рударски комплекс што ќе се гради и ќе биде опериран согласно највисоките европски и светски стандарди и никогаш нема да резултира во дислокација или деградација на животните услови во кое било од постојните живеалишта, како и да предизвика негативно влијание врз постојаниот квалитет на почвата, водите и воздухот.

Во првата фаза на завршни истражувања, подготовка на локацијата и изградба, проектот директно и индиректно преку соработниците ќе вработи околу 1.000 лица. За оперативната фаза на редовно функционирање ќе вработиме повеќе од 500 лица, во најголем дел од локалната заедница, а преку нашите соработници и снабдувачи ќе се ангажираат дополнителни 2.700 лица. Веруваме дека новите работни места ќе привлечат многу од иселените да се вратат во својата земја, на своите имоти и кај своите фамилии, посочуваат од Еуромакс и нагласуваат дека досега во проектот се инвестирани повеќе од 50 милиони евра, а за првата фаза на изградба предвидени се околу 340 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.