Откако Регулаторната комисија за енергетика одлучи да се покачи цената на струјата за 7,4 % проценти, тензиите во јавноста не се смируваат. Ова покачување се однесува на домаќинствата и на малите потрошувачи кои се снабдуваат од универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ.

За поскапувањето на струјата, претседателот на Регулаторната комисија истакна дека: „Одлуката за зголемување на цената на струјата била донесена врз основа на детални анализи и дополнителни податоци добиени од енергетските компании. Како и дека според него, граѓаните треба да имаат разбирање за ова поскапување бидејќи барањата на енергетските компании детално биле анализирани и побарани биле дополнителни податоци, бидејќи доколку ги прифателе нивните барања, тогаш цената ќе се зголемела за 25 проценти.“

Нека не ја замајува јавноста Претседателот на РКЕ со вакви „приказни“ за мали деца, бидејќи анализата на РКЕ за новите цени се прави врз основа на трошоците за компаниите за 2019 година. А, јавноста е сведок дека во 2019 година немавме корона криза.
Понатаму РКЕ согласно Законот за енергетика треба постојано да го следи пазарот со електрична енергија, па ако се појавиле толку големи разлики и трошоци кај комапниите што би предизвикале зголемување од 25 %, зошто не реагирале навреме? Зошто чекаа да поминат изборите па да ги објaват овие фрапантни податоци?, прашуваат од Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.

Потсетуваат дека согласно Законот за енергетика, производителот на електрична енергија со најголем инсталиран капацитет во Република Македонија е должен на универзалниот снабдувач, во постапките за набавка за електрична енергија, во согласност со правилата за набавка на електрична енергија за универзалниот снабдувач, да му понуди на продажба електрична енергија и тоа: во 2020 година најмалку 75% од вкупните годишни потреби на снабдувачот.

Ако Ковачевски се фали дека цената за електричната енергија на ЕЛЕМ по која ја продава на ЕВХ ХОМЕ е скоро за 55 % поефтина од онаа на либерализираниот пазар, зошто тогаш свесно ја носи комапнијата во загуба? Наместо да продава само 75 % од производството на ЕЛЕМ по таа ниска цена, а остатокот од 25 % да го продава како вишок по многу повисока цена со што компанијата нема да реди загуби! Дали причина за ваквото свесно уништување на ЕЛЕМ е незнаењето да се менаџира компанијата или пак на грбот на граѓаните се овозможува екстра заработувачка на приватна компанија од што најголем интерес ќе има само семејството Заеви?!, се вели во нивното соопштение.

Згора на сė, додаваат од Комисијата, за ЕВН ХОМЕ се обезбедува огромна маржа од 11,5 % , која е повторно на грбот на граѓаните на Република Македонија.

Ако се погледнат приходите на ЕВН за 2018 и 2019 година ќе се забележи дека компанијата има профит од околу 35 милиони евра. Тогаш зошто е потребно зголемување на цената ако компанијата нема загуби? Дали на овој начин Заеви дозволуваат профит на приватна компанија на грбот на граѓаните на Република Македонија. Јавноста допрва ќе види каков е интересот на семејството Заеви од зголемената цена на струјата!
Постои оправдана причина јавноста да се сомнева во постапките на регулаторот, кој треба да е целосно независен и одвоен од власта. За жал со доаѓање на СДСМ на власт, независноста на ова тело се наруши, бидејќи наместо стручност и компетентност, единствен критериум за избор е партиската припадност и послушноста кон Зоран Заев.
Затоа на самопрогласените „шампиони“ во енергетиката им порачуваме: енергетиката не се гради преку ноќ, но може лесно да се уништи преку ноќ, а за жал РКЕ и СДСМ се „експерти“ во уништување!, реагираат тие.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.