Нема работно место кое не е во ризик поради кризата предизвикана од коронавирусот, а поради недоволните и слаби мерки за помош на Владата.

Само во трговијата на нешто повеќе од 29.000 работници, им се закануваат присилни откази. За своите работни места стравуваат илјадници вработени во странските инвеститори, каде газдите добар дел од работниците ги испратија на принудни одмори, но прашање е до кога тие ќе траат.

Без работа ќе останат и медиумски работници и новинари. Како што дознава „Алфа“, десет работници од интернет порталите „Локално“ и „Стандард“ добиле решение за прекин на работниот однос.

Тешка е состојбата и во текстилот, каде исто така се алармира за загуба на работни места. Околу 200 работници од скопската конфекција „Мак Примат“ останаа на улица. Разочарани, излегоа на протест пред Агенцијата за вработување.

„Алфа“ ги праша надлежните колку работници останале на улица. Во време на епидемија кога на голема врата се бркаат работници, од Агенцијата за вработување за Алфа ја објаснија процедурата, без точно да прецизираат за колкав број се работи.

За едно лице може да има повеќе пријави или одјави и тоа во ист месец, на пример ако лицето било вработено на определено време, па по истекот на определеното работно време да се реализирало одјава од задолжително социјално осигурување, а потоа за истото лице да се реализирала нова пријава во задолжително социјално осигурување кај истиот работодавач, велат од Агенцијата за вработување.

Според мерките од државата, граѓаните кои останале на улица ќе добијат 50% од просекот кој го земале во последните шест месеци. Колку месеци ќе го земаат овој надомест, зависи од работниот стаж на работникот.

Но, она што дополнително е иронично, е што фирмите кои ги оставија работниците на улица, ќе можат да конкурираат за државна помош, само затоа што отказите ги поделиле пред да се објават владините мерки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.