Новата грејна сезона стартува со старите енергетски болки. Неповолните метеоролошки услови создадоа проблеми во производството на електрична енергија, па така државата е приморана на интервентен увоз на струја.

Неповолната хидролошка состојба го отежнува производството на електрична енергија, разликите ќе се надоместат преку набавка за да не се загрози живиот свет – соопшти Владата.

Со оглед на тоа што според сите показатели и споредбени просеци во изминатите 15 години, 2020 година е исклучително лоша во однос на хидролошката состојба, како и со оглед на поинтензивната работа на хидроелектраните во одреден период во последните неколку месеци поради елементарните непогоди во рудниците во РЕК ‘Битола’, водата во езерата се искористи во пообемна мера и секој понатамошен истек ќе го загрози еколошкиот минимум на котите, неопходен за живиот свет, информираат од Влада.

Од тие причини, со цел да се заштитат животната средина и биодиверзитетот, потребно е привремено да се запре со производство на електрична енергија од хидропотенцијалите. Во аут е и РЕК Осломеј, бидејќи нема доволно вода во системот Студенчица. РЕК Битола исто така не работи со полн капацитет бидејќи на Блок 3 се изведува капитален ремонт како и хаваријата од август кога имаше поплава. Не работи ниту ХЕЦ Маврово каде се поправаат цевките на кои се губат 300 лити вода во секунда.

Според годишниот план за работа на АД ЕСМ, на почетокот на грејната сезона, кога е зголемена побарувачката на електрична енергија, беше предвидено вклучување во системот на РЕК Осломеј’, каде што е обезбедена техничка подготвеност на термоелектраната. Сепак, во овој момент термоцентралата не може да биде ставена во производство поради исто така неповолна хидролошка состојба на системот ‘Студенчица’, од каде што се обезбедува вода за разладната кула. Во РЕК ‘Битола’ се работи со два блока, а на Блок 3 се изведува капитален ремонт. За жал, во изминатите 10 години не беа изведени капитални ремонти, со што беа доведени во прашање доверливоста и сигурноста на блоковите – велат од Владата.

Поради сето ова државата ќе увезува струја. Имено донесен е заклучок АД ЕСМ за своите потреби за системски, балански услуги, да набави електрична енергија преку својата фирма „ЕЛЕМ трејд“ до нормализирање на природните услови, кои ќе овозможат оптимално производство на капацитетите што директно или посредно користат вода во производниот процес.

Заклучено е во наредниот период АД ЕСМ преку својата фирма ‘ЕЛЕМ трејд’ да го развива трејдингот, односно купувањето и продавањето електрична енергија, во зависност од берзанската цена на струјата и цената на универзалниот снабдувач ‘ЕВН хоум’, а во насока на заштита на интересот на граѓаните за одржување на цената за домаќинствата на стабилно ниво, како и можна поголемa добивка за буџетот – соопштија од Владата.

Сепак колку точно струја ќе биде набавена прецизно не е утврдено. Ќе се купува според потребите и од недела во недела.

Проекциите се дека ваквата состојба би траела најмногу уште десетина дена. Од ЕСМ уверуваат дека оваа ситуација нема да влијае врз сметките кои ќе им пристигнат на граѓаните. Оттаму тврдат дека цената на струјата ќе остане иста до крајот на годинава, а во декември ЕВН хоум ќе се објави тендер за наредната година, но цената би требало да остане иста.

Сепак во услови на криза, интервентниот увоз ги остава отворени дилемите  околу цената на набавената струја, но и пристапот до доволни количини. Секако се работи на менлива категорија, бидејќи условите и цените за набавка и дистрициуја ќе ги диктира пазарот и многу несериозно е од сега да се тврди дека цената ќе остане иста, а веќе на почетокот на наредната година да добиваме струја со повисока цена, што секако ќе треба да биде платена од народот.

Останува неодговорено прашањето како фалбите за извоз и тврдењата дека енергетскиот потенцијал на земјава е во одлична кондиција, завршија со потреба за итен увоз на струја и кој ќе биде во ќар од ваквата неповолна ситуација во енергетскиот сектор?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.