Економијата годинава ја покажа и ја докажа неспособноста на власта да се фати во костец со решавање на најгорливите животни проблеми на граѓаните, вработувањето, зголемувањето на животниот стандард, повисоките плати. Најавата за плата од 500 евра останува недосонуван сон за секој вработен, а наоѓањето работа за секој невработен. Нема инвестиции, ниту домашни, ниту странски, а иселувањата станаа дел од секојдневието на скоро секое семејство. Јавниот долг во апсолутен износ ја проби психолошката граница од 5,1 милијарди евра, со тенденција за натамошен раст. Се на се годинава на економски план беше катастрофална.

2018 година ја отпочнавме со оптимистични ветувања, за да годината ја завршиме со повеќе од скромни резултати. Имаме минимален раст на БДП во услови кога европската економија како најголем трговски партнер на Република Македонија расте, а економиите во регионот растат со стапки од над 3% , а воедно истите се и многу успешни во привлекувањето на странски директни инвестиции и отварање на нови работни места. Јавниот долг во апсолутен износ се зголеми и ја проби психолошката бариера од 5,1 милјарди евра и покрај обидите да се пресметуваат проценти за висината на јавниот долг во однос на ткн прокетиран БДП, а не во однос на износот на реалниот БДП и истите да се прикажат како фискална консолидација, факт е дека јавниот долг е зголемен, дури имаме најави со фискалната стратегија дека истиот ќе го достигне нивото од околу 54% во однос на БДП. Фискалната консолидација за која што се говори имавме уште во 2016 година кога стапка на раст на БДП од 2,9% а буџетски дефицит од 2,6%, а со тогашната фискална стратегија се предвидуваше подрастично намалување на буџетскиот дефицит за следниот временски период. Ние оваа година доколку имаме повисока стапка на буџетски дефицит од стапката на раст на БДП не можеме да говориме за фискална консолидација – вели поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски.

Сите овие негативни тенденции, според него, поминуваат без речиси никакви коментари во јавноста од оние кои што беа најмногу загрижени за задолжувањето и висината на јавниот долг.

Степенот на искористеност на средствата алоцирани за капитални инвестиции во 2018 година е низок како никогаш досега, иако за оваа година имаше најави дека ќе се засили динамиката на искористеност на средствата. Проектите кои што се најавуваат се одамна отпочнати и се реализираат, како што се проектите за подобрување на инфраструктурата на локално ниво, гасификацијата, изградбата на патната е железничката инфраструктура на коридорот 8 за поврзување со Република Бугарија и сл. Растот на индустриското производство и извозот се должат во најголем дел на странските инвеститори кои што беа во голема мера стигматизирани во јавноста, иако најголем дел од овие компании обезбедуваа масовни вработувања во индустрии кои што претходно имаа многу ниско учество во структурата на БДП – објаснува Миноски.

Најзначајната новина во 2018 година ја имаме во фискалната сфера и истата се однесува за зголемувањето на даноците.

Јас сум поборник на ниските даноци и сметам дека на ова ниво на економски развој на земјата тие даваат најдобри резултати како од аспект на полнењето на државната каса така и од аспект на развојот на приватниот сектор и работната сила. Со зголемувањето на даноците ние ги казнуваме креативни и способните. Она што е интересно е што прагот според кој што лицата ќе бидат оданочувани прогресивно сметајќи ги за богати изнесува 90.000 денари, и истиот е понизок од просечното ниво на платата во ЕУ28 за 2017 година. Ова зголемување на даноците се објаснува со желбата да се зголеми еднаквоста во услови кога истражувањата за движењето на индексот на нееднаквоста (GINI коефициент) покажуваат дека во периодот 2008-2014 нееднаквоста се намалила како резултат на примената на рамниот данок. Од друга страна се најавува проект за зголемување на социјалната помош, со кој што јас добивам впечаток дека се има за цел да се постигне еднаквост во сиромаштијата. Наместо да стимулираме креирање на богатство, благосостојба, конкуренција, креативизам, подобрување на квалификациите на работната сила, се плашам дека стимулираме ураниловка во сиромаштијата – нагласува Миноски.

Она што е пострашно се најавите и видувањата дека наредната година ќе биде уште потешка.

Очекувањата за 2019 година се дека Германската економија, која е најголема во Европа, ќе ја забележи својата најслаба стапка на раст по многу години, додека извозните компании се соочуваат со предизвици во странство. Исто така сеуште се незвесни последиците што ќе ги има BREXIT-от врз европската економија, како и какво ќе биде влијанието на се поизразениот протекционизам во светската трговија. Сето ова ќе влијае и на економијата на Република Македонија чиј што најзначен трговски партнер е ЕУ. Посебно ме загрижуваат најавените мерки на ЕУ за воведување на заштитни мерки за челични производи од Република Македонија, кои што имаат значително учество во македонскиот извоз. Не треба да се заборави и влијанието што политичките случувања од почетокот на 2019 година ќе го имаат врз економијата, имајќи ги во предвид претседателските избори што ни претстојат – дообјаснува Миноски.

Сепак тој како граѓанин на Република Македонија посакува во 2019 година да имаме успешна економска година, да имаме повисоки стапки на економски раст и од оние што се проектирани во буџетот за 2019 година.

Она што не можам да препознаам во моментов е постоењето на јасна економска визија во економијата за клучни прашања како што се: моделот за зголемување на конкурентноста, начинот на привлекување на странските инвестициите, начинот за вклучување на домашните компании во нивните вредносни ланци, начинот на поттикнување и промоција на извозот. Според мене, на Република Македонија и се неопходни „out of the box“ решенија кои што ќе ја сменат структурата на економијата и кои што ќе обезбедат креирање на глобално конкурентни производи и услуги со поголема додадена вредност, тоа е единствено одржлив начин за обезбедување на повисока стапка на вработеност и повисок животен стандард на граѓаните – заклучува Миноски.

И претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека во економијата се случуваат вистински црнила.

Сиромашатијата галопира. Ако оваа економска година ни беше лоша наредната ќе биде катастрофална и погубна. Алармот е вклучен, вришти и пишти бидејќи работите одат надоле. Едно е зошто се неспособни, второ е зошто наместо на работа се посветени на криминал. Додека во Светот имаме двоцифрени растови на индустријата, на градежништвото, на бруто националното производсто, ние или имаме минусни салда или се мачиме со два проценти економски раст – посочи Мицкоски.

Тој рече дека нема ниту 5 посто раст како што викал Зоран Заев пред стане премиер, а нема ниту теоретски изгледи да достигне толку во годините што доаѓаат.

Изминува втората година, вкупно досега ни половина од тие 5 проценти не успеаја да постигнат. Имаме и одлив на странски инвестиции, а за нови не станува збор. Генералниот секретар на СДСМ на прес-конференција вели дека ова ќе била рекордна година, ја спомена половината на оваа година, кога дел од странските инвеститори Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги убеди и ги донесе во Македонија да инвестираат. Затоа билансот е добар во првата половина. Зошто не го спомена третиот квартал каде имаме одлив и сме единствена земја во регионот со негативно салдо на директни странски инвестиции. Или тоа не треба да го слушне македонскиот народ? Не задолжуваат, сите нас, дури и неродените. Само од почетокот на оваа 2018 година не задолжија за дополнителни 357.000.000 евра. Оваа бројка нема да ја најдете на семафорот на Заев на триумфалната капија. Можеби дел од оваа бројка ќе најдете во џебовите на оваа фамилија. Со тоа е надмината психолошката граница од 5 милијарди евра и веќе државата се движи кон 50% долг. Имено според ревидираната фискална стратегија за 2019 – 2021 година јавниот долг во 2020 се очекува да достигне 54.5% од БДП – рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи и дека Владата се задолжува пари, но никаде нема проекти.

Мицкоски смета дека зголемувањето на даноците ќе удрат по оние кои живеат од кирија, повисок данок ќе има за земјоделците, како и за освоените спортски добивки, но ќе се оданочува и реинвестираната добивка за која претходно не било случај.

Една од најдискутабилните промени која ја воведува власта е токму прогресивниот данок, што ги разбранува стопанствениците кои се против укинувањето на рамниот данок. Според нив тоа ќе претставува дополнителен финансиски товар за фирмите.

Стопанствениците повеќепати реагираа дека рамниот данок на личен доход е една од подобрите реформи и дека истата треба да остане. Сепак пратениците на СДСМ и ДУИ гласаа за воведување на повисокиот прогресивен данок, шта ќе значи 18% оданочување на оние кои имаат личен доход повисок од 90.000 денари. Покрај тоа, придонесите за пензиско осигурување ќе се зголемат од 18% на 18,4% во 2019 година и на 18,8% во 2020. Исто така, придонесот за здравствено осигурување ќе се зголемува постепено, од 7,3% на 7,4% во 2019 и 7,5% во 2020 година, со што автоматски ќе се зголемат трошоците за работна сила за работодавците.

Сите четири стопански комори во Македонија, едногласно упатија критика до владата дека со воведувањето со повисокиот данок само ќе стимулираат даночна евазија, ќе предизвикаат кратење на платите на дел од успешните професии во информатиката, здравството, адвокатурата, банкарството, а дека со тоа ќе стимулираат и некои луѓе да си ја продолжат својата успешна кариера надвор од Македонија. Сепак, власта остана глува на овие забелешки.

Во Комората на информатичари “МАСИТ“ се категорични дека оваа даночна несигурност најмногу ќе ги погоди компјутерџиите. Наместо фискален ефект, ќе се добие даночна непослушност, која ќе биде главен двигател на сивата економија. МАСИТ смета дека ќе следи период на зголемување на даночното затајување – нискиот степен на задоволство кај обврзниците за начинот на кој прибраните средства се користат, ќе донесе до зголемувањето на даноците ќе доведе до изнаоѓање дополнителни и креативни начини за даночна евазија.

Власта смета дека проекциите на економски план се добри и се надеваат на преземените мерки кои ќе имаат рефлексија и на нивната работа и на зголемување на севкупниот стандард на граѓаните. Премиерот Зоран Заев, потенцирајќи дека Владата на Република Македонија ги заокружува политичките чекори со цел да се завршат евроатлантските интеграциски процеси на Македонија, истакна дека идната година се очекуваа реализација на најголеми капитални инвестициски и други помали проекти.

Пред нас е економска година во која парите на народот уште повеќе ќе одат во проекти за поддршка на граѓаните од сите категории, особено најранливите. Промовиравме ново, праведно оданочување, реформа на пензискиот систем и зголемување на социјалната благостојба. Со буџетските промени за 2019 најавуваме пресвртница во економските политики. Силниот фокус на евроатлантските интеграции го зајакнуваме со Буџет за растечка економија, за социјална оправедност, за поквалитетни здравствени услуги и за подобро живеење на сите – најави премиерот Зоран Заев, кога заедно со министерот за финансии Драган Тевдовски ги презентираа проекциите на Буџетот за 2019 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.