Македонија е умерено подготвена во областа на енергетската политика, постигнат е одреден напредок, особено во усогласувањето со Третиот енергетски пакет и се преземени чекори за усвојување на Национален план за енергија и клима и инвестиции во обновливи извори на енергија, но сепак не се целосно спроведени сите минатогодишни препораки, оценува Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјава во делот на енергетиката.

За наредната година во областа на енергетиката се препорачува земјава да го зголеми техничкиот и инженерскиот персонал во Одделот за енергетика во Министерството за економија и Агенцијата за енергетика, да го усвои и спроведе законот за енергетска ефикасност и да заврши со раздвојување (сертификација) на системите за пренос на гас.

– Законот за енергетика е целосно усогласен со Директивата за обновливи извори на енергија. Земјата презеде значајни чекори за усвојување на Петгодишна програма за имплементација на Стратегијата за развој на енергетиката и интегриран Национален план за енергија и клима, насочен кон декарбонизација, што се позитивни чекори за имплементација на Зелената агенда за Западен Балкан. Во тек е изградба на нова 400-клиоволтна интерконекторска линија за пренос на електрична енергија со Албанија. Операторот на преносниот систем (МЕПСО) учествува во регионалната аукциска канцеларија во Југоисточна Европа. Имплементацијата на патоказот за поврзување со Бугарија бара претходно воспоставување на т.н. „day-ahead market“ (организиран пазар на електрична енергија ден однапред). Во врска со гасните интерконекции, Владата презема мерки за да ги обезбеди потребните финансиски средства за изградба на линија за интерконекција со Грција, Србија и Косово, се истакнува во Извештајот.

За Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) се нагласува дека е функционална, но, како што се посочува, нејзината независност е попречена од политичко мешање.

– На внатрешниот пазар на енергија, беше постигнат добар напредок во усогласувањето на земјата со Третиот енергетски пакет на ЕУ за гас и електрична енергија. Пазарите за електрична енергија и гас се отворени за конкуренција. Усвојувањето на соодветните подзаконски акти е добро напреднато. Во септември 2020 година, Владата назначи Национален оператор на пазарот на електрична енергија (МЕМО), подружница на МЕПСО, која ќе дејствува како номиниран оператор на организираниот пазар на електрична енергија. Операторите на пренос и дистрибутивна мрежа на електрична енергија се разделени во согласност со европското законодавство. МЕПСО набавува и балансирачка резерва и балансирачка енергија во конкурентна постапка. Спорот за сопственоста на гасоводот за пренос на гас е решен. Сепак, операторот на системот за пренос на гас се уште не е разделен во согласност со Третиот енергетски пакет, а законодавството се уште не е усогласено со Регулативата на ЕУ за интегритет и транспарентност на пазарот на енергија на големо, се вели во Извештајот.

Се потенцира дека пазарот на електрична енергија е либерализиран, универзалното снабдување и снабдувањето во краен случај го врши добавувачот избран во конкурентна постапка, а малопродажните цени се либерализирани, освен кај Универзалниот снабдувач за кој РКЕ ја одредува цената.

– Пристапот на трети страни до мрежата за природен гас е во согласност со правото на ЕУ, но транспарентноста треба да се подобри. Во тек се работите за изградба на преносниот гасовод помеѓу Неготино-Битола и Скопје-Тетово-Гостивар. Цените на големо на гас се целосно либерализирани, сепак пазарот останува неликвиден, без виртуелна точка за тргување. Сите договори се склучуваат билатерално, на месечна и годишна основа, се посочува во Извештајот.

Во областа на јаглеводороди, се додава во текстот, Законот за минерални суровини има за цел да се усогласи со Директивата за лиценцирање на јаглеводороди на ЕУ. При тоа, се нагласува дека изменетиот Национален акциски план за обновлива енергија е во согласност со ревидираната обврзувачка цел во земјава до 2020 година 23 отсто, а до 2025 година 24 отсто од енергијата да доаѓа од обновливи извори на енергија (ОИЕ) и се посочува дека во 2019 година уделот на ОИЕ изнесувал само 17,46 отсто.

– Повластените тарифи и премиите се користат за поддршка на обновливите извори на енергија. Во 2020 година, беа потпишани договори за инсталирање на соларни електрани со капацитет од 62 мегавати, користејќи премии доделени врз основа на аукции. Владата треба да ја преиспита одлуката за одржување на повластените тарифи за малите хидроцентрали, кои или не бараат поддршка или имаат негативно влијание врз животната средина, а инвестирањето во хидроенергија треба да биде усогласено со релевантното законодавство на ЕУ за животна средина, се истакнува во Извештајот.

Се додава дека мора да се отстрани ограничувањето на капацитетот по тип на технологија за обновлива енергија за да се постигне целта до 2025 година 24 отсто од капацитетите за производство на електрична енергија да бидат од обновливи извори на енергија.

– Се уште не е воспоставен електронски систем за издавање, пренос и откажување на гаранциите за потекло. Одредбите за одржливост на биогоривата се уште не се усогласени. Учеството на обновливите извори во транспортот останува маргинално, достигнувајќи само 0,14 отсто во 2019 година. Четвртиот акциски план за енергетска ефикасност се уште не е усвоен. Законот за енергетска ефикасност, транспонира директиви за енергетска ефикасност и енергетски перформанси, но имплементацијата недостасува. Усвојувањето на законодавството за спроведување останува предизвик, поради ограничениот човечки и технички капацитет во Одделот за енергетика на Министерството за економија и Агенцијата за енергетика, се вели во Извештајот и се нагласува дека треба да се подобри финансирањето, вклучително и преку формирање на Фондот за енергетска ефикасност.

За загадувањето на воздухот се посочува дека се влошува со греењето на домаќинствата и оти останува сериозен проблем. Затоа, како што се наведува, општините треба да преземат чекори за целосно почитување на нивната обврска да развијат и спроведат општински програми за енергетска ефикасност.

Се препорачува и дополнително зајакнување на оперативниот и техничкиот капацитет на сите институции за управување и засегнатите страни кои се занимаваат со развој и на трансевропски енергетски мрежи и усогласување на правната рамка со Трансевропската мрежна регулатива.

– Кај енергетските мрежи, во тек е изградба на нова 400-киловолтна интерконекторска линија за пренос на електрична енергија од Битола до Елбасан, Албанија. Владата презема мерки за да ги обезбеди потребните финансиски средства за изградба на гасните интерконекции со Грција, Србија и Косово. Во тек е прелиминарна студија за гасните интерконектори со Косово, а се работи на изградба на гасоводот за пренос на гас помеѓу Неготино-Битола и Скопје-Тетово-Гостивар, се потенцира во Извештајот на ЕК за напредокот на земјава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.