Радмила Шекеринска му го врачи новогодишниот подарок на Кочо Анѓушев, вреден 1.6 милиони евра. Имено Министерството за одбрана, со кое раководи Шекеринска, за овогодинешната потрошена струја ќе му плати на доскорешниот вицепремиер задолжен за економски прашања во владата на Заев, Кочо Анѓушев, 1.600.000 евра, покажува сајтот на Бирото за јавни набавки.

На самиот крај на минатата година, на 30 декември, два дена пред Анѓушев да замине од Владата, Министерството за одбрана склучило едногодишен договор за јавна набавка со Друштвото за трговија и услуги ЕНЕРЏИ ДЕЛИВЕРИ СОЛУШНС ЕДС ДООЕЛ Скопје, односно ЕДС на Кочо Анѓушев. На тендерот имало 4 понуди, а го добила фирмата која ја дала најниската цена – фирмата на Анѓушев.

Еден ден откако е потпишан договорот на Министерството за одбрана, на 10.01.2020 година, беше обелоденето дека војниците и старешините се оставени без греење. Имено војниците се насочувале да земаат слободни денови, за да има помалку луѓе во работните простории. Целта е да се исклучуваат некои грејни тела, бидејќи ако секаде се вклучат грејни тела во павилјоните, паѓаат и избиваат осигурувачи. На војниците им се наредува да се собираат во една просторија, каде што групно ќе се греат на греалици, кои им било кажано да ги донесат од дома. Дополнително, војниците дури и потценувачки се охрабруваат да издржат уште неколку дена без парно, бидејќи ќе се затоплело времето, па немало да биде толку ладно!

Оттука логично се наметнува прашањето, што ќе прави војската со струјата која им ја набавила Шекеринска за цела година, кога ниту имаат грејни тела, ниту имаат систем за дистрибуција на струјата. Сепак очигледно тоа не е важно. Важно е финансиски да се обезбедат функционерите на СДСМ, и сегашните и поранешните со тендери кои ќе го мултиплицираат нивното банкарско конто.

Со овој тендер кој Анѓушев го доби од Шекеринска, тој се побива самиот себеси, со оглед на тоа дека додека беше вицепремиер тој се колнеше дека неговите фирми нема да добиваат тендери, додека скандалозното доделување пари само растеше.

Јавноста е сведок дека Анѓушев ја убедуваше јавноста во емисијата Топ тема дека нема да дозволи негови фирми да добиваат тендери од државата, додека во исто време неговите фирми добиваа тендери од ЕЛЕМ, од Фондот за иновации и од Агенцијата за патишта.

Имено, после скандалозниот тендер кој фирмата во сопственост на Анѓушев, Фероинвест, прво го доби, а после откако излезе скандалот во јавноста се повлече, тогаш вицепремиерот Кочо Анѓушев изјави:

Значи Фероинвест и останатите компании нема да учествуваат на државни тендери, но Фероинвест и останатите компании имаат 800 вработени кои што понатаму мораат да продолжат да живеат, работат и да земаат плата и ќе бидат активни во економскиот живот на државата, но не е само државата партнер. Ние мораме да се избориме за вредности во оваа држава и мислам дека мораме да се избориме за критериуми – рече тогаш Анѓушев.

Освен посочениот тендер на ЕЛЕМ, со кој фирмата во сопственост на Анѓушев требаше во минатото да добие 2,6 милиони евра за набавка на гумени транспортни ленти за РЕК Битола, јавноста беше и сведок на други низа скандали во кои директно беа вмешани Анѓушев и неговите фирми.

За најновиот скандал со изборот на ЕДС за набавка на струја за армијата за 2020 година, пристигна и демант од Друштвото ФЕРО ИНВЕСТ ДОО Скопје и неговиот сопственик Кочо Анѓушев во врска со објавената  вест дека Шекеринска и Анѓушев си поделиле милионска „бонбона“ за Нова година!

Друштвото ФЕРО ИНВЕСТ ДОО Скопје и неговиот сопственик Кочо Анѓушев категорично ги отфрла ваквите наводи како невистинити и тендициозни, кои имаат цел нарушување на угледот и честа на компанијата и нејзините сопственици.

Во текст објавен на 14.01.2020 со наслов “Шекеринска и Анѓушев си поделиле милионска „бонбона“ за Нова година”, објавена е неточна и тендициозна информација поврзана со договор за јавна набавка со Министерство за одбрана и компанијата ЕДС и поврзаноста на Кочо Анѓушев како сопственик на ЕДС. Уште од 2018 година компанијата ФЕРО ИНВЕСТ ДОО Скопје и неговиот сопственик Кочо Анѓушев ги имаат продадено своите удели во компанијата ЕДС и предадено целосна контрола врз фирмата на новите сопственици во јавна и транспарентна постапка за која беа запознаени медиумите и пошироката јавност.
Повеќе од 1 година и 6 месеци Кочо Анѓушев нема никаков удел ниту во работењето ниту во одлучувањето во компанијата ЕДС – реагираат од ФЕРО ИНВЕСТ.

И од Министерството за одбрана реагираат на објавениот текст во иста насока.

Фирмата EDS што ја споменувате и злонамерно ја доведувате во контекст кој вие го посакувате, не е во сопственост на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев. Ако бевте новинари кои трагаат по вистината истиот податок ќе го видевте и во Централен регистар, пишува во демантот испратен од министерството на Шекеринска.

Според информациите кои излегоа во јавност точно е дека кон крајот на април 2018 година Кочо Анѓушев ја продаде ЕДС на Грчкото електростопанство ППЦ, но сето тоа беше направено контраверзно и под сомнителни околности со оглед на тоа дека Грчкото електростопанство во време на купродажбата било во банкрот. Друга сомнителна околност е што Митко Кржовски е назначен за управител на Друштво за трговија и услуги Енерџи Деливери Солушнс -ЕДС ДОО Скопје, кој наводно му е кум на Анѓушев. Кржовски е назначен да управува со ЕДС на местото на Анѓушев, откако тој најави дека ќе се повлече од сите управувачки функции во компаниите кои ги поседува откако беше назначен за вицепремиер на тогашната влада.

И додека кај нас, Анѓушев формално се тргна од челото на ЕДС, грчката телевизија Скај објави дека се отворила истрага за купување на ЕДС на Кочо Анѓушев од страна на грчката државна компанија за електродистрибуција. Купувањето се случило неколку месеци пред Преспанскиот договор, при што владата никогаш не ја донела почетната цена што Анѓушев ја побарал. Според истражувањето откриено е дека парите на (ДЕИ) легнале на лична сметка на Анѓушев, додека аквизицијата била направена по предлогот на подружницата на (ДЕИ) во Албанија, каде што бил поставен поранешниот гувернер на шеќерната индустрија и извршен директор на СИРИЗА, Џорџ Ланзас.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.