Оштетените штедачи на Еуростандард банка денеска објавуваат сведочења на сопственици на фирми-должници во Еуростандард банка, кои сведочат како е организиран и направен криминалот во банката. Како е формирана мрежа на фирми, како се делеле и трансферирале „позајмици“, како се одобрувале ненаплатливи кредити, кој на кого и кога му се јавил, како биле подарувани кредити без соодветни покритија за одредени солени надоместоци, како се делеле меници, како се правени лажни процени на хипотеки. Освен главните носители и организатори на криминалот, Трифун Костовски, Коста Костовски и Николче Петкоски, постојат и други лица кои се директно вклучени во грабежот на депозитите од банката, велат од Здружението на оштетени штедачи.

Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, друштвото за експлоатација на камен, трговија и услуги БКД-М дооел Скопје е фирма која е должна према Еуростандард банка околу 960 илјади евра. Не платила ништо 742 дена односно две години пред затворање на банката. На оваа фирма се води хипотека на деловен простор и друг недвижен имот со проценета вредност од околу 600 илјади евра.

БКД-М дооел е основана во јули 2008 година, со паричен влог од 5 илјади евра. Седиштето на фирмата е во општина Аеродром во Скопје и е депонент на Комерцијална банка.

Според билансите, оваа фирма е деловно неактивна. Последни регистрирани приходи на фирмата во 2015 година изнесуваат околу 14 илјади евра и добивка од неполни 4 илјади евра. Во фирмата нема вработени.

Сопственик и управител на фирмата е Џеват Ајдиновски. Тоа е истиот оној сопственик и управител и на фирмата ЏМС Транспорт дооел увоз-извоз од општина Арачиново, за која фирма веќе објавивме дека е должна према банката 830 илјади евра и нема платено 742 дена, исто толку долго како и фирмата БКД-М дооел. Според извештајот за банката од стечајниот управник, обезбедувањето за кредитот за фирмата БКД-М дооел било одобрено и како обезбедување на кредитот за фирмата ЏМС Транспорт дооел увоз-извоз. Односно, користен е еден ист инструмент за обезбедување, и тоа несоодветен, за два кредити земени од две фирми поединечно. Или вкупно 1,8 милиони евра за обезбедување што е проценето на 600 илјади евра или три пати помалку. И двете фирми не биле ниту бонитетни ниту имале приходи кога им се доделени кредитите. Дали некој од истражните органи разговарал со раководните лица од банката, Трифун Костовски, Коста Костовски и Николче Петкоски и сопственикот на овие две фирми, Џеват Ајдиновски, како се поделени нашите лични парични средства и каде завршиле истите?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.