ЕБОР ја зголеми прогнозата за економски раст на Република  Македонија за оваа година на четири проценти. Тоа е за еден отсто повеќе од проценката во септември 2020.

За 2022 исто така проекцијата за раст на БДП е четири отсто

Во 2020 година, БДП се намали за 4,5 проценти на годишно ниво, како резултат на двоцифрениот пад на инвестициите и извозот, како и на падот од шест проценти на приватната потрошувачка. Овие намалувања беа донекаде урамнотежени со зголемувањето на владината потрошувачка која бележи раст од 10 отсто, стои во Извештајот на ЕБОР.

Се додава и дека индустриското производство се намали за 10 проценти, а секторот трговија, транспорт и сместување за осум отсто.

ЕБОР забалежува и дека беа спроведени низа пакети помош, фокусирани на поддршка на ликвидноста на погодените бизниси, заштита на работните места и поддршка на најранливите групи на население преку субвенции, одложувања на данок на доход, обезбедување заеми по поволни услови игаранции и секторска специфична поддршка.

Во првите четири месеци од 2021 година, индустријата порасна помалку од четири проценти на годишно ниво, но продажбата на мало и извозот се зголемија над 20 и 40 отсто на годишно ниво.

Делумно закрепнување се очекува во 2021 година, со реален раст на БДП од четири проценти како резултат на закрепнувањето на извозот и приватната потрошувачка, како и одржливата потрошувачка на Владата. Интензитетот на растот се очекува да продолжи во 2022 година со четири проценти како резултат на продолжувањето на приватните инвестиции. Сепак, предвидувањата се неизвесни. Ризиците има пред се во брзината на враќање на надворешната побарувачка и во способноста на Владата да ја реализира својата амбициозна агенда за инфраструктурата, се наведува во Извештајот.

Од земјите во регионот, проекцијата за Србија годинава е шест проценти, за Албанија 4,5, за БиХ 3,5, за Косово 4 и за Црна Гора 8,5 отсто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.