Во периодот јануари-март 2020 година до Државниот инспекторат за труд поднесени се вкупно 259 претставки за неисплатен К-15. Во истиот период, во 2021 година, поднесени се вкупно 502 претставки. Соодветно на зголемениот број на поплаки, реагирал и Државниот инспекторат. Така, според податоците што ги доби „Слободен печат“, во првите 3 месеци од годинава донесени се 191 решение од кои 161 опомена и 30 наредби. Во истиот период лани биле донесени се 98 решение, од кои 25 опомени и 73 наредби.

В.д директорката на Државниот инспекторат за труд, Јована Тренчевска, објаснува дека постапката за инспекцискиот надзор е уредена согласно Законот за инспекциски надзор (чл.16, 17, 19 и 20) и инспекторот е должен да постапи по секое барање од работник за остварување, односно заштита на правата од работен однос и заштита при работа и да достави писмено известување до подносителот (доколку е познат и оставил податоци за повратен одговор) за констатираната состојба и превземените мерки.

Доколку инспекторот утврди повреда на прописите над чија примена врши надзор, донесува решение согласно закон, по кое работодавачот е должен да постапи во рок од 15 дена од денот на приемот на решението. Ако повредата на прописот претставува прекршок или кривично дело, инспекторот е должен до надлежен орган да поднесе барање, односно пријава за поведување на соодветна постапка – вели Тренчевска.

Начинот и постапката на вршење на инспекцискиот надзор уредени се и во чл. 66 од Законот за инспекциски надзор, во кој се вели постапката за вршење на инспекцискиот надзор се состои во четири фази и тоа : планирање, спроведување, затварање и документирање на инспекцискиот надзор. Поради обемот или сложеноста, инспекциски надзор може да вршат повеќе инспектори, при тоа за истиот надзор се составува еден записник и се донесува инспекциски акт кој се потпишува од сите инспектори кои учествувале во инспекцискиот надзор. Исто така при надзорот не смее да биде повредена тајноста на личните податоци.

Тренчевска објаснува и дека инспекторите имаат право на непречен увид на целата документација во самата фирма.

Согласно чл. 79, 82 од истиот закон, инспекторот има право да врши инспекциски надзор над субјектите на инспекцискиот надзор во секое време и на лице место, и непречено да ја разгледува околината како и целокупната документација на субјектот. За извршениот инспекциски надзор, констатираните и утврдените неправилности и недостатоци инспекторот составува записник на местото на надзорот кој го потпишува инспекторот и субјектот на кој му предава еден примерок. Доколку субјектот го одбие потпишувањето на записникот, инспекторот во записникот ги наведува причините за одбивање – вели Тренчевска.

Таа потенцира дека постапката за утврдените неправилности, па и за неисплатениот К-15 почнуваат со опомена.

Инспекторот кога ќе констатира неправилности и недостатоци при надзорот со решение изрекува опомена и определува рок во кој субјектот е должен да ги отстрани неправилностите утврдени со записникот, по исклучок може да донесе и друга мерка доколку оцени можна опасност по животот и здравјето на луѓето. По истекот на определениот рокот од изречената опомена, инспекторот утврдува дали недостатоците се отстранети и доколку е постапено по задолжението, инспекторот тоа го утврдува со решение за запирање на постапката. Во случаите кога не е постапено, со решение се изрекува друга инспекциска мерка како задолжување, наредба, забрана или друга мерка доколку е утврдена со посебен закон – вели Тренчевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.