Економската криза удри по дуќанџиите во Кичево, се повеќе ставаат клуч на своите дуќани. Една од главните причини е немање доволнo работа и профит. Власта со своите сет економски мерки ни малку не помогна за да се ублажи овој удар во овој град, ниту пак во другите поголеми градови.

КИЧЕВО КОЛАБРИРА

Економијата во Кичево веќе неколку месеци поради корона кризата е на колена. Во овој град според официјални податоци од АВРМ во моментот има 4.037 невработени лица.

Во Агенцијата за вработување-Центар за вработување Кичево, со состојба на 30.09.2020, година, евидентирани се 324 невработени лица за кои престанокот, односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот после 11.03.2020 година, односно во период на кризата предизвикана од COVID-19 вирусот – велат од Агенцијата за вработување.

Од Агенцијата за АлсатМ ТВ велат дека најголем дел од лицата кои се стекнале со статус на невработени лица, се од преработувачката индустрија или 45 отсто.

Дека економската ситуација во Кичево не е добра говорат и затворените дуќани низ градот. Некои дуќани се издаваат, а други затвориле засекогаш. Граѓаните се жалат дека иако уште малкуте дуќани што се отворени едвај нешто печалат. Велат дека прометот е паднат за 100%, ако во минатото една бурекџилница имала промет во ова време по седум или осум илјади денари сега едвај има илјада до илјада и петстотини денари. Поради оваа ситуација и поради есенскиот бран на КОВИД – 19 граѓаните очекуваат дека ќе има зголемување на бројот на дуќани кои се затвораат, но и на отпуштања од работни места.

ЗАБОРАВЕНИ ОД ВЛАСТА

Граѓаните додека мислат како да ја надминат оваа економска криза премиерот Зоран Заев на своите прес конференции убедуваше дека донесените економски мерки ја ублажиле кризата.

Мерките беа вистински дизајнирани да помогнат да сочуваат работни места. Знаете опозицијата викаше дека ќе има 140.000 нови невработени, 12.300 се, ама ме боли душата за секој човек од тие 12.300. Сега во новиот пакет мерки велиме – вратете ги луѓето, аплицирајте за помош, се со конечна цел да мотивираме. Сите пари што ги пуштаме се за граѓаните – дали се работници, дали приматели на социјална помош, пензионери, пасивни баратели на работа и слично сето тоа е да го одржиме економскот живот во тешко време со солидарност. Главната порака е дека државата е тука – рече Заев на својата прес конференција при презентирање на четвртиот сет на владини економски мерки.

Но граѓаните со оваа изјава на премиерот не се согласуваат, бидејќи според последните Извештаи од Светска Банка велат дека Македонија е во длабока рецесија.

Пандемијата со КОВИД-19 силно ја погоди економијата на Македонија, со ограничување на движењето, нарушените синџири на снабдување и продолжената неповолна епидемиолошка состојба, кои влијаат на веќе и онака неповолните економски изгледи во земјата. Како резултат на тоа, земјата се соочува со најдлабока рецесија во изминатите две децении, со влијание врз сите сектори на економијата, па економската активност се предвидува да се намали за 4,1 процент во 2020 година – истакна Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка во земјава на презентацијата на извештајот.

Мерките на власта освен што се несупешни дури и се задоцнети. Земјите во регионот уште на почетокот на КОВИД-19 започнаа веднаш со мерки за ублажување на економската криза, кои и го намалија ударот.

Албанија уште на самиот почеток имаше донесено пакет економски мерки од 340 милиони евра за поддршка на секторите од економијата погодни од корона кризата.

Бугарија воведе пакет финансиски мерки во вредност од 2,3 милијарди евра. Најголем дел од мерките беа насочени за поддршка на компаниите погодени од коронакризата.

Српската влада имаше обезбедено околу 4,5 милијарди евра за поддршка пред се за туризмот, услугите и земјоделството. Помошта ја користеа само оние кои ги задржуваат своите вработени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.