Владата ја разгледа и усвои Одлуката за начинот на користење и висината на финансиските средства за угостителски услуги, предложена од кабинетот на вицепремиерот задолжен за борба против коурпцијата и криминалот, Љупчо Николовски.

Со неа, за прв пат се ограничуваат трошоците за услуги во угосителски објекти во државата при одржување на работни состаноци, точно е определен износот што може да се користи по лице присутно на работниот состанок, а ограничувањето на износот е во зависност од функцијата на лицето коешто го организира работниот состанок.

Истата има широк опфат со кој се опфатени Претседателот на Владата, замениците претседатели на Владата, министрите, замениците министри, генералeн секретар на Владата, заменик на генералниот секретар, државни секретари, сите директори на институции, како и лицата избрани и именувани од Владата кои раководат со правните лица основани од државата.

Целта на одлуката е истата да биде дополнителен механизам во ограничувањето и регулирањето на трошењето на буџетските средства, а предвидени се и соодветни контролни механизми и евиденција за реализираните угостителски трошоци што ги направил одреден функционер за одржување на работен состанок. Конкретно, при плаќањето, без разлика дали е со фактура, во готовина или со службена картица, функционерот до секторот за финансии во институцијата, задолжително мора да приложи и детален извештај за целта на работниот состанок, бројот на присутни лица, време, место и датум кога истиот се одржал. Без овие документи, Секторот за финансии во државниот орган нема да изврши исплата на угостителските трошоци.

Во случај на пречекорување на дозволните лимити за угостителски трошоци, лицата кои го сториле пречекорувањето ќе мора да го надоместат пречекорениот износ на финансиски средства, најдоцна во рок од три работни дена од денот кога се одржал работниот состанок.

Во насока на зголемена транспарентност и отчетност, државните органи се обврзуваат остварените трошоци за угостителски услуги да ги објавуваат јавно на веб страните на институциите.

Во случај на непочитување на одредбите од оваа Одлука, се применуваат мерките од член 23 од Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, се наведува во соопштението од кабинетот на Николовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.