Вработените во јавната администрација од денеска, работните задачи ги извршуваат од своите работни места, соопшти министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски. Тој бара административците строго да се придржуваат кон мерките за заштита од коронавирусот.

Секој вработен задолжително да носи лична заштитна опрема на лицето (маска) за време на извршување на работните задачи на работното место. Да се одржува минимум физичкото растојание и контакт помеѓу вработените лица. Да се избегнуваат групирања и собирања. Да се настојува комуникацијата да биде телефонски (локали/мобилни телефони). Редовно да се одржува личната хигиена и хигиената во работните простории. Службените интерни состаноци да се одржуваат преку алтернативен начин (интернет апликации за комуникација). Исто така, во сила е и веќе усвоениот протокол за одржување на работни состаноци, објави Манчевски на својот фејсбук профил.

Мерката за ослободување од работа продолжува да важи за хронично болните лица, бремените жени, родителите на дете до 10-годишна возраст, самохраните родители, родителите на деца со попреченост кои користат дневен центар, лицата кои одат на работа со придружба-потполно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка, како и лица со умерена и тешка интелектуална попреченост.

Иако од средината на март административците паузираа со работа како превентива од ширење на коронавирусот, тие земаа целосни плати за месеците март, април и мај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.