Агенцијата за исплата на земјоделски субвенции, со записници што ги фалсификувала четири години не му исплаќала субвенции за насади на 15 хектари лешници, ореви и круши на Мите Маневски од кратовското село Куново. Маневски трпел штета со години и покрај тоа што тој ја тужел Агенцијата и ги добил сите спорови против неа пред Управниот суд, јавува СДК.мк.

Годишно на Мите Маневски, кој во тие насади ја вложил целата своја животна заработувачка од странство, му пропаѓале меѓу 18.000 и 20.000 евра субвенции.

Народниот правобранител го воочил криминалот откако Маневски поднел претставка кај него. За овој случај Омбудсманот Иџет Мемети веднаш до Јавното обвинителство Скопје поднел кривични пријави против поранешен директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и против тројца инспектори од Државниот земјоделски инспекторат, кои при лажирање записници за неисправност, подметнале дури и извештај на кој му ставиле број нула.

 

Извештај, документ со архивски број нула, не постои!, вели Народниот правобранител Мемети, кој вели дека првпат во долгата кариера како правник сретнува ваква злоупотреба.

Ние сме овде судот. Oдбиен си за субвенции, бил одговорот што го добивал оштетениот земјоделец Маневски со години од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, откако Управниот суд ќе донел правосилни одлуки дека правдата е на негова страна, дека ги исполнува сите услови и дека субвенциите мора да му се исплатат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.