На корисниците на финансиски услуги во блиска иднина ќе им бидат достапни напредни финтек-апликации преку новите дигитални технологии. На почетокот од 2023 година стапува во сила новиот Закон за платежни услуги и платни системи, со кој се отвора поголем простор за развој на иновативни концепти во кои онлајн плаќањата нема да се извршуваат само со платежната картичка, вели Горан Јанкоски, главен одговорен супервизор за информативни системи во Народната банка, зборувајќи за безбедноста на онлајн плаќањата во интервју за „Само прашај“ на Институтот за комуникациски студии.

Осврнувајќи се на безбедноста којашто е гарантирана за потрошувачите, при користењето на новите иновативни апликации за онлајн плаќања, Јанкоски истакна дека и кај нас ќе се применат најдобрите практики на Европската Унија во однос на безбедноста на онлајн плаќањата. Со новитетите ќе се воспостави дополнително ниво на заштита преку примена на засилена идентификација, каде што идентитетот на корисникот се потврдува со биометриски податоци, внесување код, ПИН (добиен преку СМС) или со мобилниот телефон којшто го поседува корисникот. Ќе се применува и анализа на ризикот на трансакцијата, односно напредни системи коишто банките ќе ги имаат со цел да се открие невообичаено однесување на корисникот на платежната услуга. Примената на овие концепти на безбедност помагаат да се избегне можно злонамерно или измамничко однесување.

Усогласувањето со законите и регулативите на ЕУ извршено преку новиот Закон за платежни услуги и платни системи се однесува на поголема сигурност и безбедност на потрошувачите, како корисници на новите напредни платежни услуги.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.