Конечната одлука за третиот рок за довршување на автопатот Кичево – Охрид треба да се знае наскоро. Во тек се подготовки и разговори од кои треба да произлезат решенијата за анекс број 2 како дел од договорот за изградба на оваа патна делница, потврдија денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП „Државни патишта“, Ејуп Рустеми по увидот на работите на патот Маврово – Дебар.

Продолжувањето на рокот е неопходно, бидејќи, како што рече Рустеми, последниот рок истекува на крајот од јуни оваа година.

Нема шанси да се заврши патот во овој рок. Од тие причини водиме преговори со изведувачот, компанијата „Синохидро“ за продолжување на рокот. Деновиве сме во интензивна комуникација и очекувам до средината на мај дојдеме до заедничко решение, рече Рустеми.

Со овие преговори треба да се прецизира и крајниот рок, што ќе биде дел од Законот за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба, заради склучување на Анекс бр. 2 кон договорот за изградба на патна делница Кичево – Охрид, по скратена постапка.

Министерот Бочварски на новинарското прашање за изнаоѓање решение, одговори дека Владата е силно посветена на овој проблем.

Изминатиов период работевме на репроектирање на трасата и досега се завршени 25 проценти. Само последниве недели одобрени проектите за 16 позиции, од вкупно седумдесет. Со тоа се овозможува подобра динамика на градежните работи и конечно да се добие една современа автопатска делница, рече Бочварски.

Тој посочи дека во овој период интензивно се работи и на експропријација на земјиштето и на решавање на проблемите кои ја забавија реализацијата на овој патен правец и конечно ставање во функција.

Изградбата на автопатот од Кичево кон Охрид со должина од 57 километри почна во 2014 година. Според најавите требаше да биде готов во 2018-та. По проблемите кои настанаа на трасата, рокот беше поместен за јуни 2021. Засега не е утврден третиот и краен рок за завршување на инвестицијата вредна 598 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.