Директорот на МЕПСО, Крешник Рамадани, во интервју за Телма, објаснува дека потрошувачката на електрична енергија е поголема од производството, а набавка од добавувачите нема поради поскапените цени на берзата.

За увоз и производство на струја во Македонија е ЕСМ, една од фирмите. Директорот, Васко Ковачевски, во неколку наврати, барем во последните 10-тина дена, кажа дека ситуацијата е стабилна и производството е доволно и задоволувачко. Дали ситуацијата е стабилна и дали производството е на задоволувачко ниво?

„Минатите денови имаме забележано дека производството плус увозот не е во баланс со потрошувачката. Тоа значи просто дека ние имаме недостаток на електрична енергија. Според нашите првични извештаи, оти ние производството го следиме онлајн, значи 24 часа, кога ги споредуваме колку е производството, увозот и потрошувачката, можеме да заклучиме дека најголемите отстапувања се случуваат токму поради ЕСМ. Значи имаме намалено производство на електричната енергија“.

Колку е производството, а колку е потрошувачката?

„Ние видовме, значи од извештаите, еве еден типичен диспечерски извештај, тука се хидроцентралите, термоцентралите, обновливите извори на енергија и ТЕ-ТО како независен произведувач и имаме значи во секој час колку се произведува електрична енергија, тука се некаде, еве за 23.10, некаде најмногу што имавме е 500 мегавати а конзумот во тој час бил значи, 1000 мегавати. Значи ние, производството плус увозот се гледа тука разликата од 315 мегавати, ни фалат во мрежата, значи имаме помало производство од колку што потрошуваме“.

Како се надополнуваат тие 315? Од каде се наоѓаат тие 315 тогаш?

„На дневно ниво ова значи дека за тој ден, 5943 мегават часа ние преземаме од европската мрежа, знаејќи дека целата мрежа во Европа е врзана и ние значи без најава преземаме од оваа мрежа. Досега имаме добиено 4 предупредувања од центарот во Швајцарија, кој ги прави пресметките, има специјални алатки, на 15 минутно ниво гледаат кој колку отстапува во мрежата и затоа не имаат предупредено дека ние преземаме нон-стоп енергија од мрежата што не е дозволено. Оваа енергија, значи можно е да се користи во случај на хаварија, ама ние знаејќи дека немаме никаква хаварија кај нас, се знае дека ние оваа енергија ја преземаме за снабдување на потрошувачите што е спротивно на сите правила“.

Кога МЕПСО ќе треба да ја плати таа енергија и која е сумата која што ќе треба да ја платите на крајот на месецот?

„МЕПСО оваа енергија треба да ја плати, пресметките ние ги добиваме до 5-ти од наредниот месец, и до некаде половината на Ноември ние треба да ја платиме оваа енергија. Според нашите пресметки досега, направени се некаде околу 10 милиони евра, што ние на половината од Ноември треба да ги платиме кон тие што сме отстапиле а ако продолжи трендот вака со зголемување, еве овој ден типичното зголемување, значи може да бидат и над 15 милиони евра што ние во средината на Ноември треба да ги платиме кон Европа“.

Тие 15 милиони евра се само за еден месец?

„Тие се само за еден месец“.

Повеќе на Телма.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.