Директорот на РЕК Битола Пеце Матевски денеска изјави дека доколку ВМРО-ДПМНЕ има какви било индиции за незаконско работење, наводите да ги достави до надлежните институции, а не од партиска говорница, како што рече, да шири лаги и манипулации за работата на Комбинатот.

-Никој, а најмалку политичка партија, која РЕК Битола го третираше како златна кокошка, не смее да шири лаги и невистини за работата на комбинатот од кој зависи судбината на Македонија. Барам извинување од Стевче Антовски во рок од 24 часа. Во спротивно РЕК Битола ќе поднесе тужба за клевета. Секој што ќе излезе на партиска говорница со цел да ја оцрни работата на над 2.000 луѓе во РЕК Битола мора да има барем ронка одговорност за јавно кажаното, вели Матевски.

Тој потенцира дека на последниот јавен повик за избор на фирма за ископ во рудникот Брод – Гнеотино, се јавиле не една, туку две фирми. Договорот, нагласува, е склучен согласно сите законски процедури.

-Секоја година, од отворањето на Брод – Гнеотино во 2012 година, се врши набавка на услуга за ископ на јаглен и јаловина. Причината е тоа што во Брод – Гнеотино се врши дисконтинуиран ископ на јаглен, за разлика од рудникот Суводол каде станува збор за различен систем на ископ, кој се врши со сопствени ресурси на РЕК Битола. Наведениот договор е склучен на 18 месеци, не на 12 месеци како претходниот со цел да не се случи завршување на договорот во текот на грејната сезона. Ако калкулаторот им беше во ред и ги поделеа износите, јасно ќе забележеа дека се работи за скоро идентична сума за услугата и лани и годинава и покрај зголемувањето на цената на нафтените деривати што ги користат машините, нагласува во изјавата Матевски.

Според него, тврдењата, пак, за злоупотреби на камиони за прикажување на фиктивни трошоци, се груба лага. Партијата што сега за тоа обвинува, вели, тоа најдобро го знае. Тоа, вели, е завршена приказна со нивното заминување од РЕК Битола.

-Што се однесува до договорот со фирмата за прскање на прашината со адитиви, потенцирам дека на јавните огласи може да се јави секоја фирма во државата. Ние ниту можеме, ниту смееме да ја ограничиме конкуренцијата. Апелирам до сите политички партии да се воздржат од какви било манипулации во врска со работењето на РЕК Битола. Јас сум најмалку важен во грдата слика што некој сака да ја прикаже. Важни се работниците, кои со лагите и манипулациите што ги слушаат може да се доведат во заблуда и да се демотивираат, а во моментов тоа е нешто што најмалку ни треба, нагласува директорот на РЕК Битола.

Тој додава дека доколу опозицијата не може да помогне со ниту еден конструктивен предлог, тогаш да го остави РЕК Битола и сите вработени во комбинатот да се справуваат со секојдневните предизвици за доброто на целата држава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.