Поранешната дополнителна заменик-министерка за финансии во техничката влада Гордана Димитриеска Кочоска смета дека власта се задолжила на значајно пократок рок со иста или со повисока каматна стапка отколку Србија и Хрватска. Според неа, ова покажува дека инвеститорите ја перцепирале Македонија како поризична земја, контрирајќи му на министерот за финансии Фатмир Бесими кој се пофали дека каматата на македонската еврообврзница е пониска од многу земји кои се дел од Европската унија или кои имаат и подобар кредитен рејтинг од земјава, како Хрватска, Турција и Србија.

Димитриеска Кочоска смета дека споредбата со Турција е несоодветна бидејќи таа се задолжила во долари додека пак за Хрватска вели дека се задожила на 20 години „по речиси иста каматна стапка како ние на рок од 7 години, а на рок од 12 години, Хрватска позајми по пониска каматна стапка“.

Србија на рок од 12 година (а ние 7 години) позајми по иста каматна стапка како нас (1,65%). Побарувачката за Еврообврзниците на двете земји беше речиси 6 пати повисока од понудениот износ, а за нашата еврообврзница беше 2,3 пати, вели Димитриеска Кочоска.

Таа прашува зошто не била издадена еврообврзница со рок на достасување од 12 години исто како Србија, па на тој начин да се види како ја оценуваат ризичноста на нашата земја. Таа ја релативизира и досега најниската каматна стапка од 1,625 отсто за осмата еврообврзница, и смета дека станува збор за манипулација бидејќи каматната стапка била историски најниска и за Хрватска и за Србија од сите каматни стапки со кои се издадени нивните претходно издадени еврообврзници.

Едно треба да е јасно, каматните стапки на земјите од Балкан се движат во иста насока и се слични. На пример, во 2015 година ние издадовме еврообврзница од 500 милиони евра со рок од 7 години со купонска камата од 3,975 отсто, додека во истата година Црна Гора издаде 5-годишна еврообврзница со купонска камата од 5,375 отсто, вели Димитриеска Кочоска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.