Државата плаќа повисока струја затоа што ги испразнија акумулациите и ги пресушија езерата, се офајдија само трговците на струја, вели Гордана Димитриеска-Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ.

Ние сме единствената држава во светот во која власт не е способна да види што ќе се случи во следните три месеци, а да не зборуваме за повеќе. И денес нема да пишувам за здравство зошто таму е повеќе од јасно дека не се способни ниту на неделна основа да предвидат. Она што ме загрижува во моментот е состојбата со електроенергетскиот сектор. Сведоци сме дека во изминативе три години менаџерскиот тим на државната АД ЕСМ нема компас, ниту знае кај оди, па оттука водите се трошат без милост, акумулациите по неколку пати во годината се на минимум а невладините организации никаде ги нема да се бунат за живиот свет, ама истите тие пред 5 години беа многу гласни кога водата во акумулациите беше и на повисоко ниво од денешното – вели таа.

Димитриеска – Кочоска вели дека има дилема дали е навистина до незнаењето или пак една грешка ја завлекла државата сериозно надолу.

Пред нецели две години државната АД ЕСМ потпиша договор со АД ЕВН хоме согласно кој договори продажба на електрична енергија за 36,6 евра за мегаватчас, што е пониска цена од производната (41-43 евра за мегаватчас). Производната цена е комбинација од цената на хидрата (која е многу ниска под 20 евра за мегаватчас) и цената на термото која е над 45 евра, но термото учествува многу повеќе во однос на хидрото. Оваа влада се труди да направи во континуитет поголемо учество на хидрото а тоа зависи од годината, последниве и не се така дождливи и снежни) за да ги намали трошоците, па оттука сите акумулации ни се празни. Ама пусто, колку и да ја покриваш пониската продажна цена, неспособноста ќе излезе на виделина. Во месец август се фалеа дека имаме вишоци на електрична енергија и продаваа со фалби за 43 евра. Ама еве во месец ноември АД ЕСМ не е во состојба да испорача дури ни тоа што го има по договор за АД ЕВН хоме. Па, оттука фирмата ќерка на АД ЕСМ, односно Елем Трејд спровела јавна набавка во која просечната цена по која ќе купи е околу 49,5 евра за мегаватчас. Фирмите од кои ќе купи ги имате во прилог а меѓу нив се ТЕ-ТО и ЕДС – вели Димитриеска – Кочоска.

Од друга страна, додава таа, цената по која електричната енегија се продава е 36,5 евра за мегаватчас или тоа се некаде 13 евра за мегаватчас. Или, како што вели, само за една недела загубата кај државната компанија е 156.000 евра.

Тоа се 5 супермодерни амбулантни возила или 300 лаптопи или што уште не што сега е многу попотребно. За крај можам само едно да заклучам, државата од оваа зделка покрај тоа што има загуба, изгуби многу многу повеќе. Во летниот период трошеа јаглен кој го има во ограничени количини за да произведат и продадат по ниски цени (летните продажни цени се пониски од зимските), а јагленот го нема, што во превод значи дека е многу “скап” или јас би рекла нема цена. Водата ја потрошија иако ја знаеја хидролошката состојба, па сега имаме празни акумулации и недостиг на струја. Згора на се немаме ниски температури, а тек да се повтори зимата 2017 со премногу ниски температури па да неможат и јаглен да копаат – вели Димитриеска – Кочоска.

Според неа, останува само нејасно дали приватните трговци и во двата случаи одлично се офајдиле и колку поединци од власта ќариле од истово.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.