Возвратното писмо од угледната шведска компанија „Диаверум“ на писмото од здравствените власти од Македонија упатено до неа на 1 ноември 2018 година, е испратено на 6 ноември истата година. Првата работа што се наведува во одговорот на шведската компанија е фактот дека дописот од Македонија до неа стасал по завршувањето на аквизицијата, односно зделката со која „Диаверум“ веќе ја презел сопственоста над „Диамед“, локалниот провајдер на услуги за дијализно болни пациенти, објавува порталот „Плусинфо“.

Како што пишував вчера, писмото од Македонија содржи евидентни суптилни закани до шведскиот инвеститор, зашто во него се говори за „наместен тендер“, за „казнени провизии“, за „асистирање“ и „помагање“ во вршење на наводни кривични дела и слично. Првиот човек на “Диаверум“ одговара: „Како реномирана меѓународна компанија, пристапивме кон оваа трансакција со најголема претпазливост… Во текот на изминатите неколку години што водеа до оваа инвестиција, ние направивме длабоко истражување во кое беа вклучени Диамед и неговиот поранешен сопственик и не наидовме на никаков документ, ниту пак ни е претставен писмен доказ, што ќе ги докаже сериозните тврдења во ова писмо“ (се мисли на писмото од Министерството за здравство до „Диаверум“ – м.з.). Понатаму, Андерсон пишува: „Покрај тоа, ни вие (се мисли на министерот Венко Филипче – м.з.), ниту премиерот или директорот на Фондот за здравство осигурување, не изложивте докази како поддршка за овие тврдења“, пишува новинарот Бранко Героски.

Во јули 2018-та Заев и Филипче топло ги поздравуваат Швеѓаните, а шест месеци пред тоа откриле „криминални активности“ во „Диамед“?!

Андерсон е изненаден што здравствените власти во Македонија го доведуваат во прашање тендерскиот процес, кој бил детално разгледан и ја поминал контролата на Министерството за здравство, на Владата на РМ и на судовите во Македонија и чија валидност е потврдена и од страна на правниот тим на „Диаверум“. „Според нашето разбирање, сегашната влада ги исполни и своите обврски кои произлегуваат од договорите со Диамед и со нејзината матична компанија по тендерскиот процес. Понатаму, Фондот во април 2018 година дури ги платил фактурите издадени од Диамед по 30 дена и покрај тоа што има договорна обврска да плати по 120 дена“, се додава во писмото од Швеѓаните.

Во дописот се спомнува и она за што јас пишував лани во септември – „по изјави слични на оние што сега ги дава директорот на Фондот, а подоцна потврдени и од страна на премиерот“, „Диаверум“ на крајот на 2017 и во јануари 2018 година одлучил да го стопира комплетирањето на трансакцијата. По шестмесечен застој, висок претставник на компанијата се состанал со министерот Филипче, при што, според писмото на Швеѓаните, му било кажано дека „Министерството за здравство нема капацитет, ресурси или знаење да ги обезбеди услугите што ги дава Диамед“. Иако македонската влада не била целосно задоволна од тековниот договор, наместо да го оспори на суд, сепак сака сериозен меѓународен провајдер да го преземе тековниот бизнис и да ги зголеми стандардите и квалитетот на грижата за вашите пациенти – ете тоа на претставникот на „Диаверум“ му било кажано од Филипче. Сосема разумно, разборито и исправно размислување.

Откако ги добивме овие охрабрувачки вести и пред да започнеме дискусии со сопственикот на Диамед, го замоливме шведскиот амбасадор да се сретне со вашиот премиер, за да побара потврда дека ние сме добредојдени како нов сопственик на Диамед. Средата меѓу амбасадорот и премиерот се одржа на 25 јули и вашиот премиер експресно изјави дека нема никакви пречки за нашето преземање и дека ќе поздрави меѓународна и особено шведска компанија да инвестира во овој сектор на македонската економија. Сето ова го потврди она што го заклучивме со нашите независни усилби, т.е. дека работењето на Диамед е легитимно и валидирано како такво од различни тела во Владата на РМ во текот на четири години од доделување на тендерот“, пишува Андерсон.

Да запреме малку тука, бидејќи ова е веројатно клучниот дел од одговорот на Швеѓаните. Да се потсетиме дека во писмото од Министерството за здравство за кое пишував вчера, се спомнува некое друго писмо од Министерството за здравство, од 22 јануари 2018 година, адресирано до шведскиот амбасадор, во кое имало предупредување за „потенцијални криминални активности на Диамед Македонија, компанијата што сакате да ја купите“. Како било можно во јануари таа 2018 година првите луѓе на македонското здравство да предупредиле на „криминални активности на Диамед Македонија“, а после тоа, министерот Филипче, на средби со претставник на „Диаверум“ да изјавува дека наместо оспорување на тендерот на суд се очекува влез на сериозен меѓународен провајдер во бизнисот со дијализи, а тој став на 25 јули истата година тогашниот премиер Зоран Заев и директно да му го потврди на средба со амбасадорот Матс Стафансон?

Тука нешто опасно не штима! Ама само за оние кои не знаат дека главниот играч во оваа игранка е Ден Дончев, директорот на Фондот за здравство. Кој очигледно имал свој есап за зделката…

Заев претпладне им честита на луѓето од „Диаверум“, тие потпишуваат, а Ден Дончев попладне – ги шокира!

Но, да се вратиме на писмото на Андерсон. Во него пишува дека по потпишувањето на договорот меѓу „Диаверум“ и „Диамед“ на 25 октомври 2018 година, Швеѓаните истиот ден прво го посетиле премиерот, потоа министерот Филипче и на крајот директорот на ФЗОМ, Ден Дончев. „Премиерот ни честиташе за преземањето, ни посака добредојде и ни понуди секаква помош ако има потреба во иднина. Тој исто така потврди дека резултатот од тековната истрага во врска со Диамед нема да има никакво влијание врз лиценцата на Диамед или на тендерскиот договор. После оваа средба и уверувањата од страна на премиерот дека нашата трансакција е добредојдена и дека ние може да продолжиме, ние се вративме во адвокатската канцеларија и го потпишавме договорот“, раскажува Андерсон во возвратното писмо.

Пак да запреме со читањето на дописот од Швеѓаните и да ги прокоментираме овие извонредно значајни наводи. Значи, на 25 октомври, на денот на потпишувањето на договорот, премиерот ги уверува луѓето од Шведска дека истрагата за „Диамед“ нема да влијае на аквизицијата. За каква истрага зборувал Заев? Предистрагата, според моите сознанија, најверојатно почнува следниот ден, на 26 октомври 2018 година. Или можеби ден порано. Во еден друг документ со кој располагам, се спомнува Наредба за спроведување на истражна постапка КО бр. 117/18 од 12 ноември 2018 година. Тоа е истрага. Но еве, да речеме дека и тоа не е битно, дека можеби премиерот мислел на предистражна постапка, која можела да биде покрената кој знае кога и кој знае како (се виде, нели, дека кај нас тоа и по телефон може да се направи). Поважно е што премиерот на денот на склучувањето на зделката потврдува дека што и да се утврди во истрагата, тоа нема да влијае врз лиценцата на „Диамед“ и врз тендерскиот договор.

Па нели во тоа време зборот навистина беше збор? Ако било така, зошто после пет дена, на 1 ноември, до „Диаверум“ е испратено онакво писмо, во кое се оспоруваат и тендерот и аквизицијата и во кое Швеѓаните се предупредуваат на правни последици и слично?

Писмото на Андерсон открива зошто. Во него пишува: „Истото попладне се сретнавме во Вашата канцеларија со Вас (со министерот Филипче – м.з.) и со директорот на Фондот, кој, на наше чудење ни изнесе сосема различни вести. Меѓутоа, беше многу доцна за нас да делуваме, бидејќи ние веќе се обврзавме и ги потпишавме сите документи пред неколку часа. Шведската канцеларија ја контактираше канцеларијата на премиерот за уште една ургентна средба, која се одржа на 31 октомври, кога премиерот ги потврди повеќето од изјавите дадени од Вас и од директорот на Фондот на 25 октомври. Ние бевме, уште еднаш, шокирани од многуте измешани пораки што доаѓаа од македонската влада, видно базирани на неосновани озборувања за Диамед и за неговите наводни вистински корисници сопственици. Меѓутоа, ние веќе ја бевме преминале точката од која нема враќање“.

Македонски специјалитет на шеф Дончев – турлитава со корупциски чушки и френки

Баш убав пречек за шведскиот инвеститор во октомври 2018 година, година во која нивната аквизиција е најголема странска инвестиција во здравствениот сектор во Македонија. Како и не би биле шокирани луѓето? Не да биле измешани изјавите на Заев, Филипче и на Дончев, туку на странскиот инвеститор во еден ист ден му бил сервиран класичен македонски специјалитет – турлитава со корупциски чушки и френки. Главниот готвач е шеф Дончев, тоа јасно се гледа од ова писмо. Дончев и на 5 ноември го тормозел шведскиот амбасадор Стафансон, на кого му изразил „загриженост во поглед на оданочување на странски ентитети кои продале поголем дел од акциите на Диамед на нас“. Небаре даночниот инспектор Дончев си правел муабет со шведскиот даночен инспектор Стафансон. Кој знае колку се чудел овој чесен и врвен дипломат, кого го познавам од 1995 година…

Иако шокирани, Швеѓаните ко Швеѓани, уште еднаш си ја завршиле домашната работа што им ја дал семоќниот Дончев. И за тоа пишува Андерсон: „Беа обезбедени документи од амбасадорот после средбата, кои тој ни ги достави на нас. Ние сме благодарни што ни ја обезбедија оваа информација, иако таа само го потврди она што веќе го знаевме… Според наше сознание, сите даноци во врска со трансакцијата кои треба да се платат во Република Македонија ќе бидат исто така пријавени и платени на време“. Веќе е познато дека поранешната сопственичка на „Диамед“ брзо и целосно ги исполнила своите обврски кон македонските даночни власти во поглед на пријавувањето на трансакцијата и тоа не се ни спори во истрагата.

При крајот на писмото, Андерсон пишува: „Забележавме дека Македонија е демократска држава … со цврсто придржување кон владеење на правото. Затоа е толку проблематично да се прочита дека вие ги задржувате вашите права да иницирате криминална истрага против вашите граѓани. Понатаму, не можеме да ја разбереме поврзаноста на било какви истраги против поранешни владини службеници и/или претходен сопственик на Диамед со нас. Нашата трансакција беше транспарентна и ние се разбира сме среќни до извесен степен да соработуваме со било која од сите институции во Република Македонија“.

„Диаверум“ енергично го отфрлил бруталниот притисок

Сосема на крајот на писмото се опоменува дека тој допис е во врска со сите права што „Диаверум“ ги има за заштита на своите инвестиции според применливиот закон и Договорот помеѓу шведската влада и македонската влада за промоција и реципорочна заштита на инвестиции, како и според други применливи меѓународни конвенции. Швеѓаните се културни, но после писмото од македонските здравствени власти од 1 ноември, од кое очигледно биле повторно шокирани, тие чувствувале потреба да предупредат дека за ваквите работи постојат закони, билатерален договор меѓу Македонија и Шведска и меѓународни конвенции. Ова финале на писмото, како и целата негова содржина, е директен доказ дека врз нив се вршени непримерни притисоци од македонски официјални лица да се откажат од инвестицијата.

Тоа се гледа од авион. А за утрешното продолжение на овој серијал, најавувам шокантни наводи кои можеби можат да помогнат да се дознае вистинската заднината на овие притисоци, односно зошто Дончев и компанија на ваков брутален начин ги притискале Швеѓаните како купувачи на „Диамед“. Сега само ќе кажам дека не биле под притисок само Швеѓаните, во исто време се вршеле остри притисоци и кон продавачот од Македонија. Детаљите за тоа во следното продолжение на оваа сага.

(Во утрешното продолжение: „Шифрата“ за разбирање на притисокот кон Швеѓаните е зборот „рекет“?!)

извор: Плусинфо

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.