Министерството за информатичко општество и администрација го објави текстот на работната верзија на предлог-законот за висока раководна служба.

Од денеска предлогот е достапен на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР, каде во наредните најмалку 20 дена сите заинтерсирани ќе имаат можност со свои коментари, забелешки и предлози да придонесат кон подобрување на текстот на Законот.

Со овој Закон се прави голем исчекор во насока на професионализација и департизација на јавната администрација. Тоа е едно од клучните барања на граѓаните, но и на Европската Унија. Целта на оваа реформа е поставување на јасни стандарди и критериуми, како и целосна транспарентност при изборот и разрешувањето на раководителите на институциите.

Причина зошто се работеше на овој Закон е што во законодавството во земјаване постои јасно разграничување меѓу политичкото и професионалното ниво, односно не е јасно дефиниран и утврден опфатот за висока раководна служба. Северна Македонија е прва земја од регионот којашто преку нов закон се обврза да утврди јасни критериуми за избор на професионални раководни кадри. Ова е можеби еден од најважните чекори во процесот на професионализацијата на администрацијата, што е една од главните цели на процесот на реформа на јавната администрација. Тоа ќе се постигне преку зајакната примена на начелата на заслуги, еднакви можности и правична застапеност. Со овој концепт, ќе се постигне професионализација на високите раководни позиции, се наведува во соопштението.

Високата раководна служба ги опфаќа високите раководни позиции (директори и секретари) со јасни раководни одговорности. Нема да се однесува на највисоките политички функции (министри, заменици-министри).

Со Предлог-законот за висока раководна служба се воспоставува Комисија за ВРС, составена од одреден број членови, со признаени професионални заслуги, кредибилитет и личен интегритет. Високите раководители ќе се вработуваат преку систем на заслуги и процедури на јавен оглас, во отворен натпревар достапен за сите граѓани со високо образование.

Секој висок раководител ќе се избира преку индивидуализирана процедура. Иницијативата за пополнување на позиција ВРС ќе ја има министерот, односно органот на власта кој е надлежен за управувањето и мониторирањето со услугата или телото во кое е предвидено раководното место. Иницијаторот ќе го даде описот на одговорностите и должностите на таа позиција.

Предлог текстот на Законот за висока раководна служба е достапен на ЛИНКОТ.

Во наредниот период МИОА ќе го претстави текстот на Законот и на јавна расправа со сите засегнати страни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.