Не постои опасност да пропадне проектот за електроенергетско поврзување на Македонија со Албанија (со изградба на нов 400 киловолтен далекувод и изградба на нова трафостаница кај Охрид), напротив се интензивира и двата тендери ќе бидат објавени овој месец, реагира АД МЕПСО на текстот на Плусинфо во кој добро упатени извори тврдат дека проектот доцни веќе две години и постои опасност да пропадне.

Ја пренесуваме целосната реакција на АД МЕПСО:

„Во текстот се изнесени груби дезинформации и невистини со кои се прави обид да се наруши угледот на генералниот директор на МЕПСО, мноштво компетентни професионалци вработени во компанијата, а воедно и угледот на самата компанија столб на националниот електроенергетскиот систем.

Иако очигледната намера со текстот била да се дискредитира работењето на менаџментот и да се фрли дамка врз заложбата да се започне со реализација електроенергетско поврзување на Македонија со Албанија (со изградба на нов 400 киловолтен далекувод и изградба на нова трафостаница кај Охрид) и доколку побаравте изворна информација од АД МЕПСО, ќе знаевте дека не само што не постои опасност проектот да пропадне, туку напротив се интензивира и двата тендери ќе бидат објавени овој месец.

Договорите за овие капитални објекти кои се очекува да бидат склучени оваа есен ќе го зголемат интензитетот на активности по заемот, а со тоа и повлекувањето на средствата од кредитната линија. Од таму лага е дека целиот проект ќе пропадне.

Процесите беа закочени од страна на претходното раководство и претходните проектни тимови, а заради неквалитетно завршени проектни задачи наследивме и многу отворени прашања. Инженерите и други стручни лица во МЕПСО со многу напор и енергија дојдоа до решенија со кои проектот се помрдна од мртва точка и забрзано се оди кон тоа да финишира со објавување на меѓународни тендери кои се изработуваат по правилата на ЕБОР.

Апсурден е наводот во кој се прејудицира дека се избрани фирми на тендери кои не се ниту распишани. Најодговорно тврдиме дека е чиста дезинформација дека е вршен притисок за спојување на двата тендера во еден. Напротив. Менаџментот има обврска да ги разгледа сите опции. И покрај професионалните дистинкции кои беa афирмирани преку широки стручни дебати и индивидуални погледи, креирана е клима која нуди заедништво и висок професионализам токму кога се носат решенија кои се од важност за компанијата и за целата држава. Факт е дека имаше промена на лица кои учествуваат во работниот тим за реализација на проектот , но легитимно е правото на генералниот директор да поставувува и да менува членови во работните групи особено кога поединци не ги даваат очекуваните резултати. Веќе одбравме конзорциум од реномирани странски консултанти со кои се ревидираат тендерските документации и сега се вршат последните подготовки пред објавување на два тендери.

Во делот на паушално изнесените наводи дека проектот нема градежна дозвола појаснуваме дека процесот за добивање одобрение за градба тече независно и не е поврзан со објавувањето на тендерите. Со оглед на комплексноста на задачата и спецификите на проектот МЕПСО мораше рационално да пристапи кон предвидените задачи. Во работната група се поставени стручни луѓе со повеќе децениско искуство, луѓе кои веќе имаат реализирано слични проекти (интерконекциите со Србија, Бугарија и Грција) и чија морална, човечка и професионална вертикала никогаш не била доведена во прашање. Со изборот на овие луѓе отворено ги афирмираме стручноста и компетенциите како единствен критериум за реализација вакви мега проекти.

МЕПСО преку Министерството за транспорт и врски, како негов единствен акционер, редовно ја информира Владата за сите тековни активности кои се врзани со овој проект од државно значење. За волја на вистината генералниот директор Василевски има динамична професионална комуникација со сите надлежни авторитети.

Некоректните термини кои иницираа клевета и злоба се само една обична тенденција во таа лажна промоција на МЕПСО и на неговиот генерален директор како профитерска и “аванти” политика што упорно се форсира во јавноста од страна на одредени медиуми. МЕПСО е 100 % државна компанија, ничија дедовина, туку имот на државата. Вработените во МЕПСО се на најдобар пат оваа навистина комплексна задача да ја приведат при крај и сами да го пресечат гордиевиот јазол како нивни тесен професионален предизвик. Р.С Македонија не е ничиј заложник, а вработените во компанијата целиот свој труд го насочуваат за доброто на нејзините граѓани. Во таа насока во најскоро време оваа капитална инвестиција ќе ја добие посакуваната реализација“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.