Чувството дека сте покрадени е тешко, но уште потешко е кога гледате како тие што ве покрале се слободни и уживаат со вашите пари, велат од Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард банка, потенцирајќи дека токму таков е случајот со ограбената Еуростандард банка.

Банката пропадна поради организиран и толериран грабеж на депозити со години. Поминаа повеќе од две години од затворањето на банката, а сеуште нема никаква официјална информација за организираниот криминал сторен во истата. Во основа, од тоа што е познато, во Еуростандард банка масовно и свесно се делеле кредити на блиски фирми комитенти на банката без или со мали хипотеки или со обични меници како единствено обезбедување, со намера и план паричните средства да не се вратат. И токму тие нелегални активности, кои значително се зголемиле во последните неколку години пред затворање на банката, се директна причина за нејзиното пропаѓање, велат од Здружението.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против четворица раководни лица во Еуростандард банка уште во февруари минатата година. Осомничени се за предизвикување стечај на банката и за перење пари и други приноси од казниво дело. Тешки кривични дела, за кои доколку се докажат од обвинителството, следуваат повеќегодишни затворски казни за одговорните лица.

Но, тоа што зачудува е зошто нема никаков одговор од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција толку долго време. Се работи за организиран криминал од големи размери. Поради тоа се затвори банка со значителен капитал, се предизвика штета од десетици милиони евра кон депонентите во банката, физички и правни лица, а на површина испливаа мноштво индикатори кои посочуваат дека во банката навистина се спроведувале низа криминални активности со години. Доказите се веќе одамна во рацете на обвинителството, но до сега од таму нема никаков одговор. Дали свесно не се решава овој случај за да времето помине со намера да се заборави на сторениот криминал во банката или навистина ќе има одговор од обвинителството во некое скоро време, останува само на времето да покаже. Бидејќи сите досегашни апели упатени до обвинителството да реагира за организираниот криминал во Еуростандард банка се покажаа за залудни, велат оштетените штедачи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.