Гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска да каже дали знае за кривичното дело кое јавно го признава Трифун Костовски и дали високи функционери од Народна банка кумувале на овој криминален чин? Како е можно да се прави докапитализација на банката со залог од 3 милиони евра од самата Еуростандард банка?, бараат оштетените штедачи од Еуростандард банка во денешното соопштение.

Нивната рекација доаѓа откако во јавноста Костовски излезе со нови информации поврзани со случувањата во Еуростандард банка на кои реагираше и Комерцијална банка.

Тие бараат институцииите да ги разгледаат и овие податоци поврзани со криминалот во Еуростандард банка и да преземаат активности, а најавуваат дека за се ќе бидат информирани ЕУ и сстранските амбасади во земјава.

Оштетените штедачи како најинтересни ги наведуваат деловите од соопштението на Комерцијална банка за дадениот кредит за докапитализација на Еуростандард банка.

„Комерцијална банка во 2019 година ѝ одобри кредит од 10 милиони евра на неговата фирма Гофи за докапитализација на Еуростандард банка, а како залог беа ставени 3.200 акции од Еуролинк осигурување. Овој кредит беше уредно вратен. Тоа што 10 милиони евра Костовски ги изгуби за шест месеци е негова лична одговорност и за тоа не му се виновни ниту НБРСМ, ниту Комерцијална банка, ниту Владата, ниту оштетените штедачи и клиенти на Еуростандард банка.Тоа се 10 милиони евра коишто Народна банка ги споменува во нивните преземани акции за спас на Еуростандард банка“, стои во соопштението на Комерцијална банка на кое се повикуваат оштетените штедачи.

Според нив, скандалозна е изјавата на Костовски поврзана соопштеното од страна на Комерцијална банка.

Костовски во изјавата вели: „Факт е дека добивме 10 милиона евра кредит од Комерцијална банка за докапитализација на банката. Прашање: дали Управниот одбор на Комерцијална банка и неговиот Надзорен одбор се запознаени под какви услови го добивме овој кредит? Бидејќи целата процедура беше водена од Управниот одбор на Комерцијална банка, убеден сум дека Надзорниот одбор не бил информиран со деталите. Имено, при самите преговори за добивање на овој кредит, бевме уценети ние, акционерите на Еуростандард банка и моравме да потпишеме изјави во името на Еуростандард банка и како акционери во банката, сите до еден, дека нема да покренуваме никакви постапки пред надлежните органи за нелегалното користење на депозит од Еуростандард банка во Комерцијална банка од 3 милиона евра кој требаше да служи како гаранција за добиениот кредит за Гофи, чиј износ остана сѐ уште неисплатен од 7 милиони евра. Да биде иронијата уште поголема, арогантно барање да потпишеме ваков документ беше во присуство на лице од Еуростандард банка, член од акционерите, членови на Управниот одбор на Комерционална банка и високи функционери од Народна банка.Присуството на високи функционери од Народна банка значи аминување за криење на нелегални деанија во банкарскиот сектор. Знам дека и јас со овој чин направив кривично дело, ама имав цел да ја спасам банката. Но, сето ова е доказ дека рибата смрди од главата, дека моделите на однесување доаѓаат „од горе“.“

Тие бараат рекација од  институциите  и најавуваат дека ќе ги информираат ЕУ и странските амбасади во земјава.

„Доколку гувернерката Бежоска повторно не најде за сходно да ни одговори на ова прашање, ќе оставиме на останатите институции во државата да истражат и одговорат на ова како и на многу други веќе поставени прашања во врска со организираниот криминал во ограбената Еуростандард банка. За тоа како се врши криминалот и корупцијата во нашата земја, доследно се и ќе продолжат да бидат информирани амбасадите и дипломатските претставништва во нашата земја, како и високите претставници на Европската унија“ велат од Здружението на оштетените штедачи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.