Оштетените штедачи од Еуростандард банка ја повикуваат финансиската полиција да веднаш испита како работела фирмата „Екопласт рисајклинг“, една од должниците на банката каде останал ненаплатен долг од 1.600.000 евра према Еуростандард банка, за којшто не е платена ниту една рата повеќе од две години пред затворање на банката.

Дали финансиската полиција испитала каде завршиле 1.600.000 евра „позајмени“ од Зоран Црвенковски, сопруг на Павлина Црвенковска?

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми на прашањето каде завршиле парите од Еуростандард банка поставено во февруари оваа година, јавно изјави дека се на добар пат со истрагата и дека се гледа крајот на тунелот за банката. Во јавната изјава на Павлина Црвенковска, новоименуван претседател на Судскиот совет и сопруга на Зоран Црвенковски, основач и косопсвеник во фирмата, сега во стечај, е наведено следното: „Екопласт рисајклинг во 2014 година влегла да инвестира во фабрика за рециклажа на пластика и за таа цел подигнала неколку кредити од банката и сите средства кои се земени се наменски, подигнати според сите законски прописи и ниту еден денар не завршил во приватни џебови на луѓе во или надвор од државата. Во периодот од 2014 до 2018 година фирмата работеше активно, во неа беа вработени 50-тина работници кои остваруваа извоз на пазарот во Италија и во Турција и остваруваше приходи во милионски износи“.

Според официјалните објавени финансиски биланси од Централен регистар, од 2015 до 2019 година фирмата „Екопласт рисајклинг“ имала континуирани годишни загуби од 165 до 450 илјади евра, долгови од 900 илјади до 1,8 милиони евра и негативен капитал од 150 илјади до 1,5 милиони евра. Приходите на фирмата биле далеку помали од милионски износи. На пример, во 2015 година, фирмата имала вкупни приходи од околу 32.000 евра. Тековните средства на фирмата во истиот временски период се движеле од 50.000 до 350.000 евра додека нетековните средства биле од 280.000 до 420.000 евра. Овие износи се значително пониски од 1.600.000 евра, колку што изнесува и преостанатиот долг на фирмата. Следствено, се поставуваат повеќе прашања за финансиската полиција. Каде отишле нашите пари од 1.600.000 евра, бидејќи според официјалните податоци постои сомнеж дека земените пари како кредит од банката не завршиле во билансите на фирмата за наменско инвестирање во фабриката за рециклажа како што јавно тврди Павлина Црвенковска? Дали фирмата ги прикажувала вистинските приходи доколку остварувала милионски износи од извоз во Италија и Турција како што исто така јавно тврди Павлина Црвенковска, а со тоа можеби и прикрила односно не платила данок кон државата или направила други можни малверзации, прашуваат оштетените штедачи.

Бараме од финансиската полиција веднаш да ги провери овие сомневања за фирмата должник „Екопласт рисајклинг“ од Скопје и да преземе активности од својата надлежност. Случајно или не, Павлина Црвенковска е сопруга на Зоран Црвенковски, а во нејзиниот јавно достапен анкетен лист, за имотот на нејзиниот сопруг има наведено едно моторно возило и други две превозни средства во вкупна вредност од 29.000 евра. Никаде не е наведен „скриениот“ имот на нејзиниот сопруг. Имотот на Павлина Црвенковска и нејзиниот сопруг тековно го истражуваат Државната комисија за спречување на корупцијата, која на 6 мај јавно изјави дека не можела да го најде матичниот број на Зоран Црвенковски, повикувајќи се дека сопругата Павлина Црвенковска се уште не им го дала матичниот број и затоа се уште не можеле да ја истражат неговата имотна состојба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.