Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) е во фаза на изработка на нова методологија за определување на цената на нафтените деривати, а на 30 април годинава ќе ја донесе последната одлука за цените на дериватите по постојната методологија, најави денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

Во изминатите два месеца РКЕ формираше работна група, што работи на изработка на нова методологија, во која учествуваат претставници од најголемите трговци со нафта и нафтени деривати, Министерството за финансии и останатите државни институции што се поврзани со прашањата за нафтата и нафтените деривати. Очекувам новата методологија да биде донесена кон крајот на април и почетокот на мај – изјави Бислимовски на паузата на Генералното собрание и состаноците на Комитетот за цени и тарифи и Комитетот за лиценцирање и конкурентност на Регионалната асоцијација на енергетските регулатори (ЕРРА) што денеска и утре се одржува во Скопје.

Тој нагласи дека на 8 мај завршува обврската да се применува постојната методологија за цените на нафтата и нафтените деривати што е определена со Анексот на Договорот за продажба на ОКТА.

Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика помина во Собранието вторпат и во оној момент кога ќе влезе во сила ние ќе ја донесеме новата методологија. Прерано е да се каже дали новата методологија ќе предизвика зголемување или намалување на цените, но очекувам дека ќе бидат тука некаде и дека нема да предизвикаме ценовни шокови – потенцира Бислимовски.

Прецизира дека новата методологија ќе се заснова на сосема нов концепт и нема да пресметува производна цена, туку основа ќе и биде цената на суровата нафта на светските берзи на која ќе се додадат определени трошоци како премии на трговците, транспортот од пристаништата до резервоарите во кои трговците ги складираат нафтените деривати, трошок за пренесување од складиштето до бензинските пумпи, трошок за маржа,…

Во новата методологија ќе биде признаен и трошокот за складирање на нафтените резерви за кој имавме доста забелешки од Енергетската заедница. Воедно ќе се имплементираат и сите државни давачки што се однесуваат на крајната цена како што се акцизата, трошокот за купување и складирање на нафтените резерви, давачките за заштита на животната средина – рече Бислимовски.

Во овој момент, потенцира Бислимовски, трговската маржа за продажба на нафтените деривати изнесува 3,2 денари за литар, но трговците бараат да се зголеми на нешто повеќе од шест денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.