АД ЕСМ ги повикува граѓаните да се придржуваат кон мерките за штедење на електрична енергија. Притоа од компанијата потенцираат дека ќе ги вложат сите напори да ја произведат целата електрична енергија која е потребна за граѓаните до крајот на грејната сезона и да ја има во доволни количини, но, како што велат граѓаните треба да знаат дека секој киловатчас кој ќе го заштедат, ќе значи помалку трошење на јаглен, мазут и гас за неговото производство.

Тоа, наведуваат од ЕСМ, значи заштеда на големи средства од државниот буџет, средства кои се на сите нас, бидејќи цените за набавка на енергенсите се енормно зголемени. Со почетокот на глобалната енергетска криза, посочуваат, цената на мазутот е зголемена за речиси 100 отсто, на јагленот за над 200, а на гасот за 700 проценти. Цената за набавена електрична енергија е покачена за 1000 проценти.

– Ваквите цени, во услови на криза, државата и граѓаните тешко ќе можат да ги поднесат. Во услови на голема глобална енергетска криза, АД ЕСМ Ве повикува сите, согласно можностите, доследно да се придржувате кон мерките за штедење на електрична енергија, како дел од севкупното движење во Европа за намалување на потрошувачката на електрична енергија. АД ЕСМ како производител на 70 отсто од вкупната електричната енергија во државата, што ја покрива 100-процентно целокупната потреба на граѓаните и малите потрошувачи (мали фирми и јавни институции), апелира секој поединец да даде максимален придонес за намалување на потрошувачката на струја во државата, со свој личен влог, се вели во соопштението од АД ЕСМ.

Доколку се придржуваме на мерките, енергијата која ќе се заштеди, велат од компанијата, ќе може да ја пренасочи кон стопанството, посебно кон големите фирми и институциите, кои купуваат струја на слободниот пазар по енормно високи цени, и на тој начин ќе можеме да им понудиме одредена количина по пониски цени, со што ќе се намалат нивните трошоци за работа.

Само со штедење на електричната енергија, сите ние можеме многу да им помогнеме на болниците, училиштата, градинките, како и на нашата економија, и заедно да излеземе од оваа наметната криза, нагласуваат од АД ЕСМ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.