„Баргала“ со една нога во стечај. Штипскиот суд, по барање на синдикатот отвори предстечајна постапка, откако газдата неосновано отпушти над 100 вработени.
Фабриката сега има општа забрана да располага со имотот, а привремен стечаен управник ќе ја оценува состојбата.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски вели дека барањето следи по несоодветниот третман на работниците од газдата.

Тоа се 4 неисплатени плати заклучно со денес, како и блокираните сметки на АД Баргала повеќе од 45 дена…Тоа се случи по барање на нашите членови во ССМ и ние постапивме по барањето и дадовме предлог. На наша среќа или не среќа тоа е прифатено, изјави за Канал 5 Дарко Димовски, претседател на ССМ.

Но, синдикатите не сакаат фабриката да се затвори. Ќе бараат да се рестартира и сите работници да бидат вратени на работа. Димовски смета дека имаат доволно докази и аргументи да успеат во намерата.

Ќе има голема работа стечајниот управник бидејќи ние ќе бараме рестартирање, а тоа ќе значи дека стечаен управник ќе треба да обезбеди работа за работничките и таа фабрика од нерентабилна да биде рентабилна, да не ја затвориме и да не дојде до продавање на имотот на фабриката. Интенцијата е да ги задржиме, да ја задржиме фабрика и од таму да ја вадиме нашата егзистенција како работници, додава тој.

А, работењето на „Баргала“ подолг период е под лупа и на УЈП…Директорката Сања Лукаревска претходно кажа дека инспекторите откриле безброј финансиски злоупотреби од големи размери. Но, не само во таа фабрика…Од УЈП најавија дека наскоро ќе излезат и со сите наоди за повеќе фирми најмногу од текстилната и кожарската индустрија кои неосновано испуштаат работници и не исплаќаат плати.

Првото рочиште за „Баргала“ е закажано за 26 август.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.