Вкупно четири компании се добитници на финансиска поддршка во рамки на првиот „Предизвик за дигитализација на земјоделство” што го спроведува Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), во соработка со Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ). Проектот е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка.

Четирите стартап компании кои со своите решенија ќе работат на трансформација на земјоделскиот сектор и ќе придонесат кон поефикасно и поодржливо земјоделство се скопската компанија „8ТЕК“, со проектот „FIELLDTEQ – дигитална земјоделска мултијазична платформа и мобилна апликација”, потоа „АгФутура Технологии“ со проектот „Центар за дигитално земјоделство”, 2Агродидаем Технологија“ – Битола со проектот „Агромилк Д21- Контролер за резервоари за млеко” и „Дрон Опс“ од Штип со проектот „Конструкција на дрон за набљудување, мерење и аналитика“.

Директорот на ФИТР Коста Петров вели дека овие домашни стартапи понудиле иновативни решенија чија имплементација директно ќе се рефлектира врз продуктивноста, попрецизното земјоделство и автоматски врз зголемувањето на приходите на земјоделците.

Според директорот на ФИТР, глобалните трендови покажуваат дека технологиите се клучни во развојот на земјоделството и затоа ќе се продолжи со инвестирање на тоа поле и во иднина.

-Во изминатите месеци континуирано работиме на креирање на ново протфолио, со инвестиции кои се потесно насочени кон одредени сектори кои се од од голема важност за развој на македонската економија. Програмите кои ги креираме во Фондот, од повик до повик покажуваат дека сме на добар пат да го трансформираме македонскиот стартап еко систем, рече Петров.

Вкупниот буџетот за финансирање на четирите избрани решенија изнесува 6 милиони денари.

За поединечен предлог проект, ФИТР обезбедува финансирање до 90 отсто од вкупниот буџет, во максимален износ од 1,5 милиони денари. Апликантот треба да обезбеди минимум 10 отсто од вкупниот буџет на проектот, а рокот за реализација на проектите е 12 месеци.

Поддржаните компании ќе добијат и менторска поддршка и поддршка во комерцијализација на иновациите од страна на Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ).

На предизвикот кој беше отворен од 16 март до 16 април оваа година се пријавија вкупно 38 компании.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.